Завршна конференција за проектот за реформи во казненото законодавство  
     
 

26.12.2008

 
 

(МИА) -  Реформата на казненото законодавство заради востановување баланс меѓу ефикасната борба со криминалот и постигнување највисок степен на заштита на основните човекови права и слободи гарантирани со Европската конвенција за правата на човекот и другите меѓународни инструменти, се целите на проектот за „Казненоправната реформа и почитувањето на човековите права во Република Македонија“, што беше презентиран денеска на конференција во Скопје.

- Веќе ја имаме првата работна верзија за законот за кривична постапка, кој содржи 584 членови. Овој закон на поинаков начин ја регулира кривичната постапка во Македонија, а тоа меѓу другото ќе значи поефикасно спроведување на кривичната постапка и заштита на правата и слободите на граѓаните, истакна министерот за правда Михајло Маневски на денешната конференција во Скопје.

Говорејќи за неопходните  активностите во казненото законодавство, професорката од Правниот факултет во Скопје Гордана Бужаровска рече дека клучни точки на реформата се измените во врска со јавниот обвинител, како орган кој ќе ја води истрагата.

- Истражниот судија веќе нема да постои во судскиот систем, ќе има судија на претходна постапка кој нема да суди, но ќе се грижи за заштита на индивидуалните права и слободи на поединецот, чии права се засегнати со активности преземени во текот на постапката, појасни Бужаровска.

Таа додаде дека се прифаќа и нов концепт на правосудна полиција каде се обединуваат органите за истраги од МВР, од Царинската управа и Финансиската полиција.

- За време на реализирањето на проектот се настојуваше да се почитуваат стандардите од аспект на одбраната, односно она што го бара Европската конвенција, а тоа е балансот меѓу ефикасноста и почитувањето на човековите права, рече Бужаровска.

Факт е дека со ова завршуваме еден процес, нагласи Бужаровска, додавајќи дека понатаму се отвораат многу други прашања како обезбедување услови за имплементација на новите одредби, односно кадровски, институционални, организациски и финансиски прашања кои се битни и без кои сето ова може да остане мртва буква на хартија.

По ова, следува и измена на сет закони бидејќи, како што рече Бужаровска, законот за кривична постапка како системски закон влијае и врз законот за јавното обвинителство, врз законот за полицијата, врз законот за финансиска полиција... 

На Проектот  за нацрт законот за кривична постапка, во изминатава година и пол работеа Здружението за кривично право и криминологија на Република Македонија, Министерството за правда, Набљудувачката мисија на ОБСЕ во Скопје и Фондацијата Институт Отворено Општество-Македонија.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk