Во судовите во Република Македонија за прв пат совладан приливот на нови предмети  
     
 

27.12.2008

 
 

                        СОСТОЈБА НОЕМВРИ - 2008 ГОДИНА 


(МИА) -
Судовите во Република Македонија првпат во 2008 година го совладаа приливот на нови предмети во споредба со минатите години.

- За прв пат по 17 годинии се случи да се намали приливот на нови предмети во судовите за околу 30 проценти, што пред се се должи на поефикасно функционирање на правните механизми, на почитувањето на правните норми и на извршувањето на правата согласно со законите, истакна на денешната средба со новинарите министерот за правда Михајло Мнаевски.

Намалувањето на новите предмети, како што додаде Маневски, се должи и на растеретувањето на  судовите од предметите кои можат да се решат на друг начин, односно со тоа што преминуваат во надлежност на друг. - Така оставинските предмети се дадени во надлежност на нотарите, одредени овластувања се пренесени на извршителите и на медијаторите, а судовите треба да се остават да ги решават предметите од кривичната и од стопанската област, како и од областа на граѓанското право, рече министерот за правда.

Во 2008 година во судовите примени се вкупно 546.254 нови предмети, односно за 229.670 помалку во споредба со 2007 година.

- До крајот на 2009 година сите судови треба да бидат комплетно ажурни и да ги решаваат тековно предметите, односно за еден до два месеци, истакна Маневски, додавајќи дека во иднина ќе бидат насочени кон градење на систем за обезбедување на ефикасно судство.

Во текот на изминатата година граѓаните до Министерството за правда доставиле 954 претставки и поплаки за работата на судските служби,  а најголемо незадоволство искажале за постапката во врска со предмет кој се води пред некој од судовите на територијата на Македонија.

- Од примените претставки дури 54 отсто се однесуваат на одолговлекувањето на судските постапки, а во најголем дел од нив е утврдено дека тие траеле по повеќе години, без напори да се решат во разумен рок, рече Маневски.

Тој пред новинарите посочи дека во текот на 2008 година граѓаните со 44 претставки укажале на можната корупција во судската пракса и додаде дека Министерството за правда овие претставки ги препраќа на надлежност и постапување на Државната комисија за спречување на корупцијата.

Поплаки од граѓаните до Министерството за правда имало и во однос на незаконитото постапување на нотарите и извршителите и притоа во текот изминатава година примени се вкупно 134 претставки.

Оценувајќи ја работата на Министерството за правда за успешна, Маневски посочи дека во изминативе една до две години донесени се околу 70-тина закони кои се однесуваат од областа на судството, управата.., и притоа најави одржување на јавни расправи за многу идеи на судии, правници и адвокати во врска со измени и дополнувања закони се со цел за поефикасно судство.

Министерот за правда посочи дека во наредниот период се размислува и за укинување на судовите во населени места каде има под 15.000 жители, што како забелешка го посочиле странските експерти.

Одговарајќи на новинарско прашање за барањето од судијaта Мери Радевска од Основниот суд Битола во врска со имунитетот на пратеникот Весна Бендевска, Маневски рече дека Министерството за правда преку надлежниот суд ќе го испита случајот и доколку постојат елементи дека судијата не постапил според законот ќе се иницираат соодветни мерки.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
-->
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk