Работна средба за правните аспекти и практичните искуства во врска со казненото гонење на сторители на кривични дела недозволена трговија со дрога  
     
 

21.01.2009

 
 

Маневски: Расте бројот на сторители на кривични дела за трговија со дрога

МИА - Од вкупно 602 предмети на ниво на основни судови кои се однесуваат за неовластено производство и трговија со дроги и психотропни супстанци во периодот од 2005 до првата половина на 2008 година за 137 лица се изречени условни казни, додека 280 лица добиле казна затвор до една година.

- Од обвинетите лица за овој вид кривични дела голем број се условно осудени, додека скоро за половина од нив е изречена казна затвор од три, четири месеци до една година, што значи дека во повеќе од две третини од случаите се одело под минимумот на казна со затвор од една година, истакна министерот за правда Михајло Маневски на денешната работна средба со претставници на судството, Јавното обвинителство, МВР, министерствата за здравство и за труд и социјална политика и на меѓународните организации, здруженија на граѓани и невладини организации.

Презентирајќи ги пред присутните податоците од Информацијата за правните аспекти и практичните искуства во врска со кривичното гонење на сторителите на кривични дела недозволена трговија со дрога и психотропни супстанци, Маневски рече дека загрижувачки се податоците што расте бројот на сторители на вакви кривични дела.

- Постојано од година во година се бележи поголема злоупотреба на дрогата. Се повеќе жртви на дрогата се малолетници и долната граница се повеќе се намалува, а расте и смртноста од прекумерната употреба на дрога, како и опасноста од други болести што се пренесуваат со интравенозно користење на дроги, додаде тој.

Штетните последици од незаконскиот промет со опојни дроги и психотропни супстанци, како што посочи Маневски, не се чувствуваат само по здравјето на лицата уживатели на овие супстанци, туку и на целото општество.

Според министерот за правда, недоволни се и реакциите на второстепените судови, како и реакциите на креирањето на казнената политика со вложувањето жалби.

- Ненавремено се реагира на вакви состојби иако е очигледно дека за многу тешки и сложени дела за трговија со дрога се изрекуваат условни осуди или сосема благи казни, додаде тој.

Министерот за правда во своето излагање рече дека недоволно се остварува процесот на неопходна соработка и координирање на социјалните и здравствените институции, во воспитно-образовниот процес.

- Недоволно се остварува воспитно-образовната цел за опасностите од дрогата и недостига ефикасен превентивен пристап, а често на центрите за прифат на наркозависниците се гледа како на нужно зло, додаде тој.

Учесниците на денешната работна средба се согласија со констатацијата на министерот за правда дека има потреба за измени на легислативата со кои се уредени овие прашања за постигнување ефективна борба против незаконскиот промет со опојни дроги и психотропни супстанци.

Директорката на Управата за извршување санкции истакна дека казната затвор од три месеци за сторители на вакви кривични дела е сериозен проблем бидејќи ја чини државата многу имајќи го предвид фактот дека еден затворски ден чини 500 денари. Во контекст на тоа таа додаде дека голем дел од вкупниот дел осудени лица издржуваат казна од една година од кои 450 се зависници на наркотични дроги.

Обраќање на министерот Михајло Маневски (интегрален текст)

 

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk