Јавна расправа за измените и дополнувањата на Кривичниот законик  
     
 

28.01.2009

 
 

 МИА - Зголемување на казните за постојните кривични дела и воведување нови, посебни кривични дела поврзани со сексуалната злоупотреба на децата, прецизирање на посредна имотна корист при конфискација, нејзино проширување, проширување на кругот на кривичните дела против јавните финансии, платниот промет и стопанството и воведување кривична одговорност за неосновано и несразмерно збогатување, oва се дел од поважните измени и дополнувања на Кривичниот законик за кои денеска се дискутираше на Jавната расправа организирана од Министерството за правда и Врховниот суд на Република Македонија.

Mинистерот за правда Михајло Маневски смета дека овие мерки ќе обезбедат не само воведување стандарди согласно конвенциите и договорите на ЕУ и ОН, туку и поефикасно спроведување на казнената постапка и изрекување  казни за сторените кривични дела.

Измените предвидуваат и задолжителна забрана за извршување дејност, професија или должност во одредени случаи за одредени кривични дела, но и казнени одредби за непочитување на изборните закони, особено во делот на финансирањето на изборните кампањи.

         - Во Изборниот законик, кој е донесен, разработено е поглавјето на финансирањето на изборната кампања. Во него се забранува анонимно финансирање, се бара евидентирање на донациите, јавно објавување и доставување извештаи до надлежните институции. Доколку тоа не се направи, со измените се предвидува кривично дело и казни за одговорното лице или носителот на изборната кампања, рече Маневски, додавајќи дека најважно е тоа што за прв пат се предвидува кривично дело и казна затвор, што до сега не било случај.

Маневски посочи дека овие измени не можат да бидат донесени пред почетокот на локалните и претседателските избори што треба да се одржат во март и најави дека најрано нивното усвојување може да се очекува кон крајот на мај или почетокот на јуни.

Академик Владо Камбовски, кој учествувал во изготвувањето на измените истакна дека иако решенијата се добри, сепак, остануваат отворени повеќе прашања, во најголем дел за економскиот криминал, но и прашањето за практичното  спроведување на одредбите.

Имаме добри решенија за изборната кампања, кои се моќно орудие, рече Камбовски, но тие треба да се искористат и применат во пракса.

За него особено е тешко решавањето на економскиот криминал, за што, како што рече е потребно целосно согледување на сите елементи од економскиот систем, констатирање на најслабите страни и наоѓање на најсоодветни решенија.

Министерот за правда  Михајло Маневски  смета дека во насока на решавањето на ваквиот вид криминал од посебна важност се дефинирањето на посредната и непосредната корист стекната од кривично дело и предвидената конфискација и во случаи кога таа е трансформирана.

- Проширување на конфискацијата се предвидува за сторители на кривични дела за кои е предвидена законска казна над четири години, а во кои се стекнале со имотна корист.  Во вакви случаи ќе може да се конфискува и имот стекнат до пет години пред извршувањето на делото, доколку сторителот не може да даде објаснување како го стекнал, рече Маневски.

Според него, значајно е и воведување на делото неосновано збогатување. За вакво дело кривично ќе одговараат службени лица или избрани функционери, лица кои целосно нема да го пријават имотот или од стапувањето до напуштањето на функцијата несразмерно се збогатиле споредено со нивните приходи. За таквиот имот  во измените на Кривичниот законик предвидено е и конфискување.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk