Семинар за справување со феноменот на семејното гласање и гласањето во име на друг  
     
 

03.02.2009

 
 

МИА -  Практиката на семејното гласање и гласањето во име на друг кои се сметаат за едни од најсериозните изборни нерегуларности беше  тема на семинарот што во пресрет на локалните и претседателските избори   денеска во  организација   на  УНДП и Државната изборна комисија се одржа во Скопје.

На собирот насловен „Интеракцијата помеѓу централната и локалните власти и другите засегнати страни во борбата против семејното гласање и гласањето во име на друг”, се обрати  Мариа Луиза Силва Мехијас, постојан координатор на ОН и претставник на УНДП,  која во воведното излагање истакна дека УНДП е вклучена во програмата за искоренување на овие феномени бидејќи извештаите на ОДИХР го посочија семејното гласање и гласањето во име на друг како најшироко распространета нерегуларност во Македонија и како значајна повреда на правото на тајно гласање. Според неа треба да се овозможи секој да го оствари своето право и да гласа без притисок на партијата или на некој член од семејството.

Коорганизаторот на семинарот, претседателот на ДИК Александар Новакоски подвлече дека сите кандидати треба да имаат еднаков пристап до медиумите, а изборната кампања да започне истовремено. Тој апелираше до кандидатите да се воздржат од предвремена кампања и најави дека за секој обид за семејно гласање или изборно нарушување ДИК ќе укажува и ќе покренува постапки пред надлежните судови.

Според министерот за правда Михајло Маневски, Република Македонија има капацитет да спроведе демократски и фер избори, бидејќи сите подготовки што ги спроведува се во функција на таа цел: во целост се спроведени препораките на ОБСЕ/ОДИХР за надминување на нерегуларностите од јунските избори преку измените на Изборниот зконик донесени со консензус на сите релевантни партии и уставните измени за намалување на цензусот на 40 проценти во вториот изборен круг за избор на претседател. За искоренување на семејното гласање и гласањето во име на друг, додаде тој, предвидени се и високи затворски казни од најмалку три до 15 години пропишани во Кривичниот законик, во рамки на Акцискиот план на Владата за изборите се спроведува едукација на судиите на Управниот суд, на судиите од основните судови, на јавните обвинители, а ќе се одржат и повеќе работилници во функција на обезбедување доследна примена на законите кои се однесуваат на заштита на избирачкото право и создавање демократска атмосфера.

- Нема ништо поважно за Република Македонија од спроведување демократски и фер избори на 22 март, не само затоа што тоа е еден од клучните приоритети за интеграција во НАТО и ЕУ, за визната либерализација, туку и затоа што граѓаните имаат право да живеат во држава каде владеат правната држава и законите и да бидат заштитени од насилници кои ќе го нарушат изборниот процес, рече Маневски.

Евроамбасадорот Ерван Фуере истакна дека е охрабрен од спроведувањето на препораките на ОБСЕ/ОДИХР и Акцискиот план за организирање фер избори, но оти власта и сите политички партии мора да бидат активни во изборниот процес и да не се кријат зад какви било оправдувања. Тој подвлече дека недозволива е ситуација во која правилата се почитуваат во еден дел од земјата, а во друг не.

- Демократијата е недделлива и мора да биде почитувана и споделена. Плодовите на демократијата мора да ги уживаат сите граѓани еднакво... Не постојат оправдувања кога станува збор за слободно остварување на правото на глас...Заплашувањата од каков било вид мора да бидат избегнати, посочи Фуере.

Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Македонија амбасадорот Хосе Луис Фереро смета дека едукацијата треба да биде во насока на создавање демократска политичка култура оти политичката борба е добра, но се додека е легитимна, а секоја незаконска активност како насилство, заплашување, семејно и гласање во име на друг претствува преминување на црвената линија.

Претставниците на релевантните политички партии беа согласни дека партиите преку свои активности треба да ја понесат клучната одговорност за фер избори и надминување на нерегуларностите од јунските избори.

Семинарот е дел од активностите на УНДП во рамки на проектот „Еден гласач - едно гласачко ливче: Справување со гласањето во име на друг и семејното гласање“ кој е насочен кон зајакнување на демократскиот карактер на изборите и промоција на изборните права на жените.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
-->
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk