Доделени уверенијата на првата генерација завршени кандидати за судии и јавни обвинители  
     
 

04.02.2009

 
 

МИА - На првата генерација 27 завршени кандидати денеска во Врховниот суд на Република Македонија им беа врачени уверенијата за судии и јавни обвинители.

Ова е нов начин на избор на идните судии и јавните обвинители. Теоретската и практичната обука на кандидатите траеше 15 месеци во Академијата за обука на судии и јавни обвинители, како и во правосудните институции.

Основната цел на Академијата е да обезбеди компетентно, професионално, независно, непристрасно и ефикасно вршење на судската и обвинителската функција.

Министерот за правда Михајло Маневски во своето обраќање пред присутните истакна дека првпат по 17 години судовите во Република Македонија ги бележат и првите конкретни резултати и првпат во 2007 година се намалува приливот на нови предмети за 25 проценти.

Според истражувањата на УСАИД, како што истакна Маневски, довербата на граѓаните во судството во Република Македонија од ден на ден се зголемува.


Претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски смета дека со Академијата на судии и јавни обвинители е направен позитивен чекор за модернизирање на македонското судство според европските стандарди.



Јавниот обвинител на Република Македонија Љупчо Шврговски нагласи дека ова е значаен момент не само за Академијата, туку и за целото правосудство бидејќи обуката на првата генерација претставува влез на Репбулика Македонија во насока на успешно имплементирање на правосудните реформи кои се еден од главните услови на патот кон ЕУ.


- Првпат во Република Македонија се создава објективен систем при избор на судии и јавни обвинители засновани на критериуми за перманентно оценување од страна на едукаторите во завршниот испит, рече Шврговски.



Евроамбасадорот Ерван Фуере, пак, пред присутните посочи дека првата генерација на судии и јавни обвинители служи како пример за зајакнување на непристрасното и ефикасно судство и со тоа ќе се подобри услугата на граѓаните од страна на судскиот систем.



- Ова е уште една важна одредница за Македонија на патот кон создавањето на силно, ефикасно и независно судство, додаде Фуере.





Во Академијата за обука на судии и јавни обвинители во тек е обука на втората генерација кандидати за овие функции.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk