Заклучен Избирачкиот список - право да гласаат имаат 1.792.082 граѓани  
     
 

18.02.2009

 
 

МИА - Министерот за правда Михајло Маневски денеска го заклучи и потпиша Избирачкиот список, според кој на 22 март 2009 година ќе се спроведат изборите за претседател на Република Македонија и локалните избори.  Во Избирачкиот список на 2.976 гласачки места запишани се 1.792.082 избирачи.

Во Избирачкиот список, кој беше ставен на јавен увид 15 дена, односно од 20 јануари до 3-ти февруари, увид извршиле 195.323 граѓани, што е пет пати повеќе од 2008 кога тоа го направиле 39.165 граѓани.

- Во Министерството за правда проверка на податоците извршиле 187.664 граѓани, додека преку интернет 7.659 лица, рече на денешната прес-конференција министерот Михајло Маневски.

За време на јавниот увид, како што информира Маневски, извршени се вкупно 1.525 промени и тоа 312 промени на податоци во име, презиме или адресен податок, 174 запишувања во Избирачкиот список на лица кои не биле запишани, додека 1.039 починати лица се избришани.

Промени на решенијата за утврдување на избирачките места се направени на 128 избирачки места, и тоа 56 промени во дефиниции, односно додавање на улици или куќни броеви на новоизградени објекти и 72 промени на локации за гласање, најчесто во населените места каде нема училишта или други објекти.

- На секое избирачко место ќе има по два избирачки списока, едниот за избор на претседател на РМ, а другиот за локалните избори, рече Маневски, додавајќи дека излезноста на гласачите ќе се мери посебно.

Маневски нагласи дека нема спорови пред Управниот суд на Република Македонија за запишување, промена или бришење на податоци од Избирачкиот список.

Избирачкиот список денеска од Министерството за правда ќе биде доставен до Државната изборна комисија.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk