Министерот Маневски на конференција на европските министри за правда  
     
 

12.10.2006

 
 

Министерот за правда, Михајло Маневски денеска и утре  учествува на   27-та Конференција на европските министри за правда, во организација на Советот на Европа, која што се одржува во Ереван, Ерменија.

Темата на конференцијата е “Жртви: место, права и помош”.

Целта на состанокот на кој присуствува и министерот Маневски е да се идентификуваат новите начини за помош на жртвите, како и зголемувањето на соработката на земјите членки во оваа сфера.

Советот на Европа смета дека важен сегмент во заштитата на жртвите е изнаоѓањето начини за  нивен полесен  пристап до правдата, за што од особена важност е изнаоѓањето механизам за тие да не станат и жртви на процедурите и административните бариери, кога веќе се жртви на криминалот.

На оваа 27-ма конференција на европските министри за правда ќе се одржи и Форум за размена на мислења за постоечките стандарди и практики во помошта на жртвите, ќе се идентификуваат недостатоците во имплементацијата, а ќе бидат предложени и инструменти за нивно надминуваање.

Советот на Европа досега има усвоено неколку Конвенции за помош на жртвите на криминалот, а годинава Комитетот на министри усвои нова препорака за земјите членки на Советот на Европа за помош на жртвите на кривичните дела.

Овие мерки се резултат на зголемениот процент на кривични дела, а се поголемата закана од терористички дејства наложува земјите членки на Советот на Европа да имплементираат модерни мерки за помош на жртвите. Тие според досегашните искуства треба да бидат насочени кон промовирање на индивидуалната сигурност и достоинство што ќе бара и поинаква перцепција на кривичните дела и насилството, што ќе има своја завршница во социјалните и судските мерки.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
-->
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk