Семинар - Специјални истражни мерки – добри практики  
     
 

28.04.2009

 
 

МИА - Се соочуваме со софистицирани форми и облици на криминалот, кој ги напаѓа највиталните вредности на општеството. Токму затоа напорите на Советот на Европа и на ЕУ се насочени кон тоа и националните законодавства и институции да бидат нормативно уредени за да можат да се применат мерки кои значат ефикасно откривање на кривичните дела, но и унапредување на меѓународна и регионална соработката, нагласи министерот за правда Михајло Маневски на почетокот на дводневен семинар „Добри практики во однос на посебните истражни мерки“ што се одржува во Скопје, во организација на Советот на Европа, Министерството за правда и Јавното обвинителство на Република Македонија  

Маневски потенцира дека Република Македонија нема голема искуство со примената на посебните истражни мерки, но мора да црпи од искуствата на земјите каде што се применуваат подолго време, како што се Италија и Германија.

- При употребата на посебните истражни мерки мора да се најде баланс да се спречи криминалот, но и да не се повредуваат основните човекови права. Треба да се заштити општеството, но и да се заштитат гарантираните човекови права, порача министерот Маневски. Тој меѓу другото информира дека она што веќе се презема со Законот за кривична постапка и со измените на Законот за кривична постапка од јули 2008 година е димензионирање на одделот за примена на посебните истражни мерки за различни кривични дела, за што пак постојат различни размислувања.

Според Патрик Паке, од политичкиот и информативен сектор на Мисијата на ЕУ, целта на проектот е да се зајакнат капацитетите на Балканот за развивање и  имплементација на судска соработка врз основа на европските и меѓународните стандарди во таа сфера. Паке подвлече дека не смее да се презема ништо што би можело да предизвика контроверзи во однос на примената на овие мерки, а за тоа е потребна квалитетна законска рамка. 

- Комесарот на ЕУ Оли Рен по изборите ги повика властите интензивно да работат  на исполнувуње на осумте критериуми, меѓу другото и  реформите во судството и борбата против корупцијата. Имаме индикатори кои се однесуваат  конкретно на употребата на специјалните истражни мерки. Мислам дека веќе во следните неколку месеци можат да се видат промени кога земјата и ќе биде под надзор на ЕУ со цел да се отворат преговорите за членство, рече Паке.

За Јавниот обвинител Роксанда Крстевска посебните истражни мерки треба да доведат до значајни промени во областа на докажувањето во кривичната постапка. Крстевска оцени дека  поради сериозноста во задирањето на гарантираните човекови права, новините мора да бидат не само легислативно прецизно определени, туку бараат и правна култура и посебна едукација на сите заедно.

- Истражните мерки Јавното обвинителство ги сфаќа како мерки во кои јавниот обвинител ќе игра многу значајна улога. Но, бараме подготвеност од сите на ваквата задача да одговорат со висок степен на професионализам, правилна примена на правото и особено со фактот дека пред себе го имаме човекот кој во светски рамки ужива определени неприкосновени права, заради што не секогаш, секоја цел ги оправдува средствата, рече таа.


Пораката од Ралф Микелфелдер, шеф на полицијата во германското МВР, е дека од особена важност е да се воспостави стандардна рамка за примена на посебните истражни мерки во Европа.

Волкер Ритенауер, шеф на детективскиот оддел во германското МВР, кој говореше на тема „Следење од страна на специјалните единици, прислушување на телехонските разговори (можности и ограничвуања, технички проблеми, толкување, презентирање докази)“, изјави дека во Германија кривичните дела за кои можат да бидат применети овие истражни мерки, мора да се сериозни, а во тој случај станува збор за организиран криминал, трговија со луѓе, дрога и оружје.

- Семинарот не е контролен механизам за тоа што се случува тука, туку да се разменат искуствата. Ние можеме да даваме сугестии, но од надлежните органи зависи кои сугестии ќе ги прифатат, изјавија Микелфелдер и Ритенауер. Двајцата претставници од германското МВР на семинарот предупредија дека во Германија постои контролен механизам и контрола од страна на обвинителството и на судовите за употребата и примената на посебните истражни мерки. Тоа, нагласија тие, значи дека полицијата не може самата да одлучува и да примени вакви мерки.

Во текот на денешниот ден и утре на семинарот ќе се дискутира и за примена на прикриени агенти, информатори, веродостојноста на информаторите и довербата на полициските инспектори, нивна контрола и вреднување на информациите. Откривање на телефонски врски, соработката и координација меѓу полицијата и правосудните органи, ON LINE пребарувањата, се само дел од утрешната агенда за дискусија на семинарот „Добри практики во однос на посебните истражни мерки“.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk