ЕУ ќе обучува судии и јавни обвинители од земјава и регионот за примена на правото на ЕУ  
     
 

14.05.2009

 
 

МИА -  Обучувачи од Европската унија преку ТАЕКС инструментот ќе обучуваат судии и јавни обвинители од Македонија и земјите од регионот како најквалитетно да го применуваат правото на Унијата, со оглед на тоа што, како што оценуваат нејзините претставници  судството е еден од главните елементи во претпристапниот процес и во меѓусебните односи, како и област која ќе зазема централно место и во идните извештаи за напредок на земјите во приближувањето кон ЕУ.

Дел од обучувачите и судиите и јавните обвинители од земјите во регионот денеска на регионална конференција на тема „Основните принципи на правото на Европската унија и улогата на националните судови во примената на правото на заедницата“ ќе ги разгледуваат најболните точки во оваа област, со цел да се организира обука која ќе даде најдобри резултати.

Патрик Паке прв секретар и шеф на информативниот и политички сектор при Мисијата на ЕУ истакна дека владеењето на правото е фундаментално прашање за Европската унија и оти секоја земја која сака да стане нејзин член, треба да ги имплементира нејзините стандарди.

- Мотивацијата на Европа да работи со земјите од регионот секако е и фактот што тој е дел од физичкиот простор на Европската унија, како и дека има внатрешна поврзаност со меѓусебни односи, рече Паке.

Тој додаде дека ваквиот вид обуки е можност да се модифицира начинот на функционирањето на судството, со оглед на тоа што како што истакна, судството е една од централните теми во процесот на приближување кон ЕУ.

- Судството е еден од главните елементи во претпристапниот процес и во нашите односи. Тоа ќе зазема централно место и во идните извештаи за напредок во тој процес, додаде Паке.

Министерот за правда Михајло Маневски истакна дека целта на ваквите обуки е во Македонија да се изградат европски профили на судија и јавен обвинител, односно да се менува свеста за однесување и работа на судиите, но и да се обезбеди самостојно и независно вршење на функциите на сите нивоа.

- Основната цел на изградбата на ваков тип судии и јавни обвинители е заштита на човековите права и државата од напади што ги нарушуваат процесите и влијаат негативно на остварувањето на тие права. Се разбира кога се работи за нивно остварување и заштита, државите и нивните институции секогаш треба да бидат подготвени и преку нормативата што ја градат и преку институциите кои треба да ги штитат тие права постојано треба на тоа да работат, додаде Маневски.

Директорката на Академијата за обука на судии и јавни обвинители Анета Арнаудовска истакна дека пред да се одреди типот на обуката ќе се анализираат проблемите и причините кои доведуваат до нив, со цел таа да даде подобри резултати.

Сепак, според неа, обуките можат да помогнат во градењето на европскиот профил на судија или јавен обвинител, но тој треба постојано да се надградува, а не да остане само на обуката.

- Тие треба да познаваат странски јазици, да можат да ги пребаруваат базите на податоци. Може да направите сто обуки, а да нема резултати. Судиите и обвинителите треба сами да се надградуваат, рече Арнаудовска.

На паузата од регионалната конференција, министерот Маневски запрашан како ги коментира актуелните случувања по пресудата на ЕВН-Македонија во спорот со ЕЛЕМ, истакна дека судска пресуда која се уште не е правосилна не треба да се коментира.

- Запознаен сум со случајот, но со оглед на тоа што ова е првостепена пресуда странката која не е задоволна од неа има право да поднесе жалба до повисокиот суд кој е надлежен за утврдување на фактите. Треба да се има предвид дека судијата постапува согласно законот и на слободна процена на доказите. Тој е оној кој е домиинантен во процена на фактите и доколку погрешно ги проценил има повисок суд кој може да ги исправи, рече Маневски.

Пресудата не сакаше да ја коментира ниту директорката на Академијата за обука на судии и јавни обвинители.

- Јас сум член на работната група на Консултатитвниот совет на европски судии за Македонија и согласно стандардите што ги носи Советот на Европа не се коментира судска пресуда додека не се заврши процесот, рече Арнаудовска и додаде дека вниманието што таа го предизвика е нормално, со оглед на тоа што, како што рече, во сите земји можат да се видат наслови за пресуди за актуелни случаи.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk