Во Охрид завршна Конференција од Твининг - проектот за борба против организираниот криминал и корупцијата  
     
 

20.05.2009

 
 

МИА – Република Македонија останува цврсто на определбата за борба против организираниот криминал и корупцијата, бидејќи тоа е обврска на државата кон граѓаните, но и еден од условите, како за визна либерализација, така и во функција на добивањето датум за преговори за полноправно членство во Европската унија, истакна министерот за правда Михајло Маневски на завршната конференција од Твининг-проектот за борба против организраниот криминал и корупција што денеска се одржа во Охрид.

Министерот Маневски истакна дека преку овој проект, финансиран од страна на Европската унија, Македонија ги користела италијанските искуства при изготвувањето на Законот за јавно обвинителство и Законот за кривична постапка што е во завршна фаза.

- Твининг-проектот даде исклучително добри резултати, што мислам дека беше верификувано и со извештајот со кој се препорачува визна либерализација за Република Македонија. Две годни работиме напорно на едукација на кадрите, на изградба на законодавството, донесовме нов Закон за јавно обвинителство, го привршуваме Законот за кривична постапка што очекуваме да биде изготвен до крајот на овој месец, истакна Маневски.

На Конференција во Охрид присуствуваше заменик-министерката за правда на Република Италија, сенаторката Елизабета Казелати, која позитивно го оцени „политичкиот сензибилитет на Македонската Влада и Министарството за правда, како и одличното познавање на правната материја од страна на македонските обвинители и судии“.

- Активностите во рамките на проектот беа одлично организирани и спроведени. Остварени се две особено важни цели – формирана е специјална Канцеларија за соработка во борбата против организираниот криминал и корупцијата и извршена е ревизија на македонската легислатива која се однесува на организираниот криминал, истакна Казелати. Таа изрази уверување дека стекнатите искуства во рамките на проектот нема да останат изолирани и активната соработка меѓу двете држави ќе продолжи и во иднина.

Евроамбасадорот во РМ, Ерван Фуере, од своја страна ја посочи борбата против организираниот криминал и корупцијата, како еден од клучните фактори и дел од реформите неопходни за укинување на визните рестрикции.

- Охрабруваат напорите на македонските власти и институции во насока на исполнување на критериумите, а позитивните оценки на експертите за таквите активности многу ќе влијаат врз процесот на визна либерализација, за која очекуваме да биде воведена пред крајот на оваа година, истакна Фуере.

Тој додаде дека твининг-проектот беше важен и во насока на севкупните напори на Македонија за зајакнување на борбата против организиранот криминал.

- Воспоставената соработка меѓу италијанските и македонските институции и експерти е голем успех и добар пример за иднина. Останува уште многу работа во оваа област, но придобивките од овој проект секако ќе бидат добар стимул и охрабрување во идните активности, рече Фуере нагласувајќи дека независноста на судството останува да биде клучен предизвик за Република Македонија, посочен како еден од осумте „бенчмаркови“ од извештајот на ЕК за минатата година.

Во работата на стручните семинари организирани во рамките на твининг-проектот изминатите две и пол години биле вклучени 130 јавни овбвинители и четворица судии од Италија, како и 380 македонски обвинители, судии, претставници на државните институциите и агенции вклучени во борбата против организираниот криминал и корупцијата. Тие преку учеството во проектот имаат можност, меѓу другото, да се запознаат со италијанскиот казнен систем, а осуммина македонски обвинители беа на специјална обука во посебните италијански анти-мафија дирекции. 

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
-->
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk