Обука за примената на Законот за постапување по претставки и предлози  
     
 

22.05.2009

 
 

МИА - За службените лица од органите на управата и од судството денеска во Скопје во организација на Министерството за правда и Државниот управен инспекторат се одржува еднодневен семинар за имплементацијата на Законот за постапување по претставки и предлози.

- Целта на обуката е да им се укаже на вработените во органите на државната управа да постапуваат по претставките и предлозите на граѓаните, како што е предвидено со Законот, рече заменик-министерот за правда Ибрахим Ибрахими.

Обуките, додаде Ибраими, ќе се одвиваат во континуитет за да може вистински Законот да профункционира, бидејќи правото на претставка е уставно загарантирано право, односно право секој граѓанин да бара од секој орган одговор на некое прашање.

Директорот на Државниот управен инспекторат Димитар Ѓеорѓиевски рече дека со донесувањето на Законот за постапување по претставки и предлози се пополни правната празнина.

- Целта е администрацијата кога ќе се „успие“ за претставките и поплаките да се потегне механизмот преку Управната инспекција за заштита на човековите слободи и права, гарантирани со Уставот, додаде Ѓеорѓиевски.

Законот, како што појасни, се однесува на трите столба на власта и со него се опфатени сите органи на власта вклучувајќи ги и судовите и јавните обвинителства.

Целна група на обуката се вработените  во судовите, обвинителствата, јавното правобранителство и дел од општините, односно лицата кои се во секојдневна комуникација со граѓаните.

Најчесто претставки и поплаки до правосудните органи  и Управната инспекција како надлежен орган за примена на овој Закон, посочува Ѓеорѓиевски, се добиваат  во делот на одолговлекување на постапките и однесувањето на судската администрација и на државните органи.

Роковите за одговор по претставките и поплаките, според Законот се 15 и 30 дена во зависност дали се работи за некоја полесна претставка или за некоја од посложен карактер. За непостапување по овој Законот е предвидена и санкција, а глобите изнесуваат максимум до 1.500 евра.

Обуката е дел од активностите за реализација на Акцискиот план за борба против корупцијата 2009 година, воспоставување стабилни демократски институции и почитување на фундаменталните човекови права гарантирани со Уставот на Република Македонија.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk