Министерот Маневски ја образложи Нацрт - стратегијата за понатамошно спроведување на реформата на правосудниот систем  
     
 

25.05.2009

 
 

МИА - Повеќе од 30 закони од различни области  на правото, пред се во судството, адвокатурата, процесното граѓанско право, извршувањето, бесплатната правна помош и прекршоците, ќе бидат донесени во рамките на Нацрт - стратегијата за понатамошно спроведување на реформата на правосудниот систем.

Самостојно, независно и ефикасно судство, судски реформи во интерес на граѓаните и бескомпромисна борба против организираниот криминал и корупцијата се главните одредници во судските реформи, додека основните цели се владеење на правото, зголемување на ефикансоста на судскио т ситем, заштита на правата на граѓаните, брзо и ефикасно постапување, спречување на злоупотребата на правата и можностите за корупцијата, почитувањето на правата професионалната етика, вградувањето на европските стандарди, нагласи министерот за правда Михајло Маневски денеска на прес - конференција. 

Со стратегијата, потенцира Маневски, се врши најголема реформа на Казненото право, со измени и дополнувања на Кривичниот законик и со донесување нов Закон за кривична постапка.

- Се утврдува проширена конфискација на имот за тешки кривични дела. Се утврдува задолжителна мерка забрана на вршење професија, должности или дејност за одредени кривични дела, за кои е изречена казнена мерка најмалку шест месеци затвор. Тоа се однесува за сите дела против изборите и гласањето, за полов напад за малаолетник кој не наполнил 14 години и обљуба со злоупотребата на положба, како и за сите кривични дела против службената должност, информира Маневски. Во Кривичниот законик меѓу другите, се вградува и казнено дело во однос на имплементирањето на одредбите од Изборниот законик во врска со финансирање на изборната кампања, но и кривичното дело ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на интернет. Се предвидува зголемување на санкциите за кривичните дела против културното наследство и недозволената трговија со оружје и распрскувачки материи.

Во новиот Закон за кривична постапка најважно е тоа што доминантна положба во откривањето и покренувањето на кривичната постапка ќе ја има јавниот обвинител, наместо истражниот судија. Се воведува правосудна полиција, судија на претходната постапка кој треба да одлучува за прашањата кои директно влијаат на правата на учесниците во постапката, а ќе се формираат и истражни центри. Со законот се предвидува да се снима и целиот тек на судската расправа, се со цел ефикасна превенција и репресија кон сторителите на кривичните дела и заштита на правата и слободите и правата на граѓаните.

Со стратегијата се предивидува и закон за бесплатна правна помош и за судски такси, се во функција граѓаните да можат да ги остварат своите права пред судовите.

Министерот Маневски подвлече дека прв пат се предвидува и донесување Закон за управување со судски предмети, значајни измени се вршат во Законот за парнична  постапка, во Законот за извршување, како и во Законите за адвокатура и за судовите, согласно кои ќе се гради системот на кариера. Според него, ќе јакнат и ингеренциите на Судскиот совет од аспект на ефикасно вршење на судската функција. Ќе се направи обид и со непотизмот во судството.

Тој образложувајќи ја Нацрт - стратегијата за понатамошно спроведување на реформата на правосудниот систем информира дека во тие рамки ќе бидат донесени и повеќе нови закони, меѓу кои закони за вештачење, за проценител и за вршењето на инспекцискиот надзор.

- Министерството за правда практикува да ја следи реализацијата на примената на законите, порача Маневски.

На новинарско прашање дали со промените се предвидува укинување на кривичното дело клевета и навреда, главно поврзано со новинарската професија, Маневски подвлече дека за тоа во тек се консултации со Здружението на новинари.

- Што се однесува до вршењето на новинарската професија размислувањата одат кон тоа дали она што што новинарот ќе го слушне на прес - конференција или собир и ќе го пренесе изнесеното дали треба да биде предвидена казнена одговорност, рече Маневски.

Министерот за правда Михјајло Маневски на одговори на прашањето до каде враќањето на случајот „Раштански лозја“ во Македонија.

Тој не ја коментираше и одлуката на Основниот суд 2 - Скопје во спорот меѓу ЕВН и ЕЛЕМ, затоа што, како што рече, тоа е судска одлука која не е правосилна.

- Судските одлуки странките имаат право да ги коментираат, но не би требало да се говори дека е катастрофална одлука,да се користат какви било епитети или да се говори дека судството е корумпирано, изјави Маневски.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk