Министерот Маневски им врачи дипломи на 58 судски преведувачи  
     
 

27.05.2009

 
 

МИА - Министерот за правда Михајло Маневски денеска им врачи решенија на 58 судски преведувачи кои успешно ја поминаа проверката на знаењето на странски јазик.

- Од 66-те кандидати во третата сесија, 58 го положија испитот за судски преведувач. Досега дипломи за судски преведувачи имаат добиено  205 кандидати и тоа за англиски, германски, француски, италијански, руски, бугарски, шпански, хрватски, српски, црногорски, албански, кинески јазик..., рече Маневски.

Овие судски преведувачи, како што нагласи, се од големо значење за Македонија во интегрирањето во евроатлантските структури, како и за работа во дипломатско-конзуларните претставништва, во судовите и во другите институции каде има потреба од преведувачи за странски јазици.


Маневски на судските преведувачи им порача да го унапредуваат своето знаење и понатаму, затоа што, како што  рече, нивните искуства ќе бидат драгоцени за државата и за институциите во преведувањето. 

 - Министерот за правда Михајло Маневски денеска изјави дека со планираните измени на Кривичниот законик е предвидена и корекција во членот 176 во Кривичниот законик, со тоа што се додава став 2, во кој се наведува дека „нема да се казни за клевета тој што објавува нешто што е јавно соопштено од друг“.

- Тоа практично значи дека новинарите кога ќе пренесуваат изјави од одредени настани тие не можат да бидат казнети за тоа. Се оди кон тоа да се гради слободата на изразувањето, вршењето на професијата во информирањето на јавноста, а дали е точно тоа или не треба да одговара тој што ја дава таа изјава, а не тој што ја пренесува, истакна Маневски по денешното доделување дипломи на судски преведувачи.

Согласно и сугестиите од здруженијата на новинарите, како што додаде Маневски,  прифатиле и внеле и други измени во Кривичниот законик во однос на  делата клевета и навреда.

На новинарско прашање зошто се уште не функционира Агенцијата за управување со конфискуван имот, министерот Маневски рече дека Агенцијата функционира, дека има Управен одбор кој има донесено акти, има назначено директор и веќе има постапка за вработување на девет лица.

- Направено е централно депо во близина на затворот „Идризово“ каде што возилата и другата стока што ќе биде конфискувана ќе бидат сместени, додаде министерот Михајло Маневски.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
-->
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk