Средба Маневски - делегација од Република Хрватска  
     
 

26.05.2009

 
 

Тема на интерес на Делегацијата на Република Хрватска  при студиската посета во Република Македонија беше изработката на нацрт предлог за донесување на нов закон од областа на извршувањето и посебни прописи за приватни извршители во Република Хрватска.

Делегацијата од Република Хрватска  ја сочинуваа: амбасадорот на Република Хрватска во Република Македонија, г. Дражен Бошњаковиќ - државен секретар во Министерството за правда на Република Хрватска, г-ѓа  Мирјана Чачиќ - в.д. директор на Управата за граѓанско право,  г.Ѓуро Сесса - судија на Врховен суд на Република Хрватска, г-ѓа Весна Жуљ - началник на Секторот во управата за граѓанско право и Михаела Ристовска - советник во УНДП ангажирана на проекти во рамките на Министерството за правда на Република Хрватска.

Хрватската делегација ја поздрави Министерот за правда, им посака добредојде  и  се заблагодари за покажаниот интерес и желбата за соработка и воедно истакна дека Министерството за правда на Република Македонија има одлична соработка со Министерството за правда на Република Хрватска и со Република Хрватска.Маневски притоа наведе дека Република Македонија се наоѓа во фаза на судски реформи  и дека во 2007 и 2008 година биле донесени 60 закони и 70 или 80 правилници и подзаконски акти. Во Република Македонија до 2008 година имало постојано зголемување на судските предмети. Во 2008 година за прв пат е забележено опаѓање на судските нерешени предмети. Во 2008 година биле спроведени две истражувања на јавното мислење во однос на довербата на граѓаните во судовите. Првото истражување на јавното мислење било спроведено во јануари и март при што било констатирано дека граѓаните на Република Македонија имаат доверба во судовите. Второто истражување на јавното мислење покажало дека е зголемена довербата на граѓаните во судовите.

Во однос на извршувањето Маневски потенцира дека веќе три години го спроведуваат извршителите. Во Република Македонија именувани се некаде околу 70 извршители. На секои два месеци се одржуваат сесии за полагање на испит за извршители. Заради поголема функционалност и ефикасност во работењето на извршителите со Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за определување на бројот на извршители за подрачјето на Основниот суд и утврдување на критериуми за бројот и распоредот на службените седишта на извршители на подрачјето на Република Македонија зголемен е предвидениот број на седишта на извршители од 69 на 132 и во тек е нов Конкурс за именување на извршители.

Министерот Маневски истакна  дека во собраниска процедура е Предлог на Закон за измени и дополнувања на Законот за извршување согласно кој платните налози врз основа на веродостојна исправа ќе се изземат од судска надлежност и по нив ќе постапуваат нотарите, а исто така наведе дека се работи и на измени на Законот за медијација.

Државниот секретар на Министерството за правда  Биљана Бришкоска Бошковски  на присутните им се го презентираше Законот за извршување  и истакна дека тој  е реформски закон со кој се промени системот на извршување на судските одлуки кои гласат на исполнување на обврски, одлуки донесени во управна постапка кои гласат на исполнување на парична обврска и извршување на судски трошоци и изречени казни во парнични, прекршочни, кривични и управни постапки.

Заради ефикасно извршување се напушти системот на судското извршување и се воведе институот извршители - лица кои вршат јавни овластувања,  именувани од министерот за правда, врз основа на конкурс од листата на лицата кои положиле  испит за извршители и исполнуваат одредени услови  согласно Законот за извршување.

Законот беше донесен со поддршка на УСАИД кој преку проектот за модернизација на судството учествуваа во изготвувањето и во процесот на имплементација на Законот за извршување и почетното функционирање на  Комората на извршители на Република Македонија како професионална организација на извршители.

Првичните анализи од примената на Законот за извршување укажуваа дека новиот систем на извршување  на извршните исправи функционира без позначајни проблеми.

Меѓутоа, примената на Законот за извршување во новиот систем на извршување, како успешен Закон кој дава резултати,  укажа на одредени слабости за кои се извршија анализи дали тие се резултат на недоречености или нејасни законски одредби.

После извршените анализи следеа измените на Законот за извршување од април 2006, декември 2006 и јануари 2008 година кои беа во правец на дорегулирање на одредени недоречени, нејасни и непрецизни одредби, за да се овозможи поефикасна примена на Законот.

            Резултатите од ваквиот систем на извршување мора да кажеме рече Бришкоска - Бошковски дека се одлични и дека ваквата состојба будно ја следат многу меѓународни институции кои даваат се поповолни оценки за економските состојби во земјата пред се од аспект на странските инвестиции и нивната безбедност во Република Македонија. Процентите на извршени предмети континуирано растат. Така процентот на извршени предмети во 2007 година во просек  изнесуваше 40%, тој во  2008 година достигна 47%.

Државниот секретар Бришкоска – Бошковски истакна дека  со цел да се овозможи трансферот на извршните предмети од судовите кај извршителите и да се уреди начинот на кој што ќе се врши трансферот на извршните предмети, потребно беше да се донесе Закон за измени и дополнување на Законот за извршување.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk