Состанок на Советот за реформа на правосудниот систем  
     
 

29.05.2009

 
 

МИА - Реализираните активности во процесот на реформата на правосудството и процена на идните мерки кои треба да бидат преземени за надминување на евентуалните неповолни состојби беа тема на дискусија на денешниот седми состанок на Советот за реформа на правосудниот систем.

Министерот за правда Михајло Маневски осврнувајќи се на досегашните реализирани активности на Mинистерството рече дека како потврда на успешноста на реформите во правoсудството може да послужи и фактот што прв пат по 17 години има намалување  на бројот на новопримени предмети во судовите.

- Намалувањето на приливот на нови предмети во судовите е околу 22 проценти или за 212.000 предмети. Вториот индикатор е намалувањето на бројот на нерешени предмети во сите судови за 239.000 предмет односно за 26 проценти, а третиот индикатор е враќањето на довербата  во судството, рече Маневски.

Тој посочи дека се уште има постапки во судовите кои траат долго и на кои реагираат граѓаните со претставки. - Најголем број од претставките на граѓаните се однесуваат токму на долготрајноста на постапките, додаде Маневски.

Министерот за правда Михајло Маневски истакна дека во Извештајот на Европската комисија за постигнувањата на Република Македонија и оценувањето на прогресот на судските реформи една од препораките е да се намали бројот на нерешените предмети.

Во заклучните согледувања Маневски истакна дека треба да се пристапи кон анализа на состојбите во спроведувањето на Стратегијата за реформи во правосудството од 2004 до 2007 година и дека треба да се изготви и Стратегија за 2009-2011 година.

Маневски рече дека во Стратегијата е предвидена измена или донесување на 30-тина закони со кои македонското законодавство треба да компатибилно со европските легислативи.

Претседателката на Управниот суд на Република Македонија Розалија Кочовска посочи дека во промената на Законот за управните спорови треба да се има предвид и спроведувањето на жалбената постапка, како во Акцискискиот план, така и во Стратегијата за реформи.

Професорката по кривично право од Правниот факултет во Скопје, Гордана Бужаровска-Лажетиќ, меѓу другото со забелешка дека треба да се усогласат целиот сет на закони кои треба да се менуваат. - Ако не ја создадеме прво легислативната рамка за да може да се имплементира законот, не може да очекуваме ни успех во неговата имплементација. Во прашање се многу закони, за јавно обвинителство, за внатрешни работи..., додаде Бужаровска-Лажетиќ.

Според  неа, потребно е да се спроведе интерминистерска активност меѓу ресорите правда, финансии и внатрешни работи.

- Ако не се усогласат трите министерства нема да има успех и нема да се создадат предуслови за имплементирање на Законот за кривична постапка, додаде Бужаровска-Лажетиќ. Таа смета дека има и потреба јавно-обвинителската служба да се издвои од Законот за државните службеници, особено со новите овластувања што ќе ги добие обвинителството.

Говорејќи за Законот за бесплатна правна помош, Бужаровска-Лажетиќ рече дека тој ќе мора да се усогласи со Законот за малолетничка правда. - Адвокатската комора е должна да изработи регистар на адвокати кои ќе бидат сертифицирани за давање правна помош за деца и малолетници, рече таа и додаде дека тоа треба да биде усогласено со Законот за бесплатна правна помош особено кога адвокатите постапуваат пред Центри за социјална работа, пред полиција... Овој регистар на адвокати кои ќе бидат сертифицирани за давање правна помош за деца и малолетници треба да го има и Министерството за правда.

Професорот од Правниот факултет во Скопје Гордан Калајџиев посочи меѓу другото дека Министерството за правда треба да направи напор да се изготви Стратегија во која треба да се види конкретната состојба на теренот, како и тоа кои се приоритетите  што произлегуваат од Програмата за усвојување на правото на ЕУ и усогласување на законодавството на Македонија со европските тенденции.

Тој предлага Стратегијата за реформите да биде биде заедничка за правда и за внатрешни работи. - Министерството за правда треба да поднесе иницијатива во иднина овој сектор да се развива како заеднички од аспект на евроинтеграциите на Република Македонија, додаде Калајџиев.

Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата Мирјана Димовска пак говорејќи за Законот за судир на интереси, рече дека се работи на негови измени во врска со непотизмот како појавна форма.

Учесниците на состанокот меѓу другото констатираа дека на планот на легислативата треба да се направи анализа на одредени законски проекти каде се детектирани неколку клучни прашања кои се однесуваат на стратегијата за судски реформи, информатичката технологија и пенитенцијарниот систем, а кои треба да бидат разгледани со заеднички напори на Министерството за правда, Јавното обвинителство и судовите.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk