Работилница за примената на новото управно законодавство  
     
 

03.06.2009

 
 

МИА - „Примената на новото управно законодавство“ е тема на дводневната работилница што во организација на Државниот управен инспекторат при Министерството за правда се одржува во Скопје за членовите на второстепените владини комисии.

Директорот на Државниот управен инспекторат Димитар Георгиевски на денешното отворање на работилницата говореше за измените на Законот за општа управна постапка. Со измените, како што посочи тој, се предвидува воведување на начелото „молчењето на администрацијата значи одобрување на барањата“. Според него, функционирањето на државната администрација претставува тесно грло кое треба да се надмине бидејќи, како што рече, неретко граѓаните се засегнати од функционирањето на второстепените владини комисии. Георгиевски додаде дека во тек е и опсежна анализа за нивната работа.

Професорката Ана Павловска Данева од Правниот факултет во Скопје истакна дека со измените е предвидено воведување управна статистика со која државните службеници ќе треба да водат статистика за тоа колку барања им се поднесени, како и за следење на текот на предметот - барањето и поднесување шестмесечни извештаи за реализираните активности до Министерството за правда.

- Тоа е многу добар основ за мерење на перформансите на државните службеници, додаде таа.

Професорот Борче Давитковски  се осврна на измените на Законот за општа управна постапка.

Г. Ортлиб Флиднер од ОЕЦД посочи дека управната постапка е камен-темелник на принципите на демократијата и владеењето на правото.

На работилницата говореше и г.Волфганг Руш ,главен администратор на СИГМА , кој се осврна на учеството на СИГМА во реформата на управното законодавство.

Денешната работилница е една од серијата шест работилници предвидени за 600 лица од државната администрација кои ќе се одржат во текот на овој месец.


 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk