Конференција на министрите за правда на земјите членки на Советот на Европа,17-19-јуни, Тромзо, Норвешка  
     
 

19.06.2009

 
 

Во Тромзо, Норвешка od 17-19 јуни се одржа 29-та Конференција на министрите за правда на земјите членки на Советот на Европа.

Македонската делегација  ја  предводеше  Ибрахим Ибрахими, заменик министер за правда.

На Конференцијата се дискутираше за проблемот на семејно насилство со кој се соочуваат европските земји. Во таа насока беше наведен фактот дека една од шест жени  во Европа е жртва на семејно насилство. Исто така, беше нагласено значењето на неодамна донесената одлука на Европскиот суд за човекови права во која беше утврдена одговорност на земја членка за непреземање мерки за спречување на семејното насилство.

Од своја страна, г-дин Ибрахими ги нагласи бројните мерки што Република Македонија ги презема на планот на заштита од семејно насилство. Беа истакнати веќе направените измени во повеќе закони, како и третманот на семејното насилство во кривичното законодавство. Г-дин Ибрахими го подвлече значењето на Националната стратегија за заштита од семејно насилство, како и измените што се предлагаат во Кривичниот законик за спроведување на програми за сторители на кривични дела на семејно насилство кога е изречена условна осуда со заштитен надзор. Со оглед на тоа што напорите што се прават од наша страна се на линија на активностите на Советот на Европа, беше истакнато дека Република Македонија ги поддржува натамошните мерки за заштита од семејно насилство.

На конференцијата меѓу другото, г-дин Ибрахими оствари билатерални средби со  министрите за правда на Норвешка, Холандија, Русија, Словенија и Србија. Беа нагласени мерките што Република Македонија ги презема со цел подобрување на правосудниот систем и воедно, се истакна потребата од понатамошна соработка на полето на правдата.

Воедно, Република Македонија ја потпиша Конвенцијата за пристап до официјални документи која беше отворена за потпишување на оваа 29-та Конференција на министрите за правда. Наведената конвенција претставува прв меѓународен инструмент кој утврдува стандарди за пристап до официјални документи и Република Македонија со потпишувањето се вбројува во првите европски земји кои изразуваат подготвеност за обезбедување на стандардите за пристап до официјални документи.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk