Тркалезна маса за „Кривичните аспекти на работењето на трговските друштва, тргувањето со хартии од вредност и стечајната постапка“  
     
 

23.06.2009

 
 

МИА -  Стечајната постапка е значајна за подобрување на бизнис климата во Република Македонија, затоа што со неа се затвора кругот што значи влегување и излегување во и од бизнисот. Ова беше истакнато, меѓу другото, на денешната тркалезна маса на тема ,„Кривичните аспекти на работењето на трговските друштва, тргувањето со хартии од вредност и стечајната постапка“, што во организација на на Академијата за обука на судии и јавни обвинители на Република Македонија и Министерството за правда, а со поддршка на УСАИД – Проектот за деловно опкружување се одржува во Скопје.

Министерот за правда Михајло Маневски во своето обраќање рече дека денешната работилница треба да овозможи размена на искуства, детектирање на проблемите, како и  оценување на потребите за организирање идни обуки од оваа област, а се со цел да се подобри бизнис климата во Македонија, да се врати довербата кај инвеститорите дека во случај на стечај ќе има ефикасна постапка и оти таа нема да биде предизвикана со лажни стечаи и со несовесно работење.

- Имајќи предвид дека стечајната постапка е итна, стечајните совети и судиите треба да ги преземаат сите дејствија кои им стојат на располагање согласно Законот за стечај, вклучувајќи ги оние мерки што ги пропишува Законот, а тоа се стечајниот судија на должникот да му определи и мерка стечаен притвор кој трае 30 дена, па и во некои случаи 60 дена, рече Маневски.

Тие мерки, како што додаде министерот,  за жал, стечајните судии многу малку ги применуваат иако според постапките што се спроведуваат по повеќе години  се должат и на смислено одолговлекување, недоставување докази, ненавремено отповикување на поканата на судовите и.т.н.

Министерот за правда посочи дека во последниот период за 39 проценти е намален бројот на стечајните предмети во судовите. - Ако на крајот во 2006 имало 2.301, на крајот на март оваа година тој број изнесувал околу 1.413 предмети, а тоа е околу 880 предмети помалку, што значи дека судовите ги решаваат заостанатите стечајни предмети, истакна Маневски. Во контекст на тоа, тој посочи четири судови кои имаат најголем број стечајни предмети, меѓу кои и Основниот суд Скопје 2, Основниот суд Битола и Основниот суд Струмица. Во овие судови, како што рече Маневски, има 69 отсто од сите нерешени стечајни предмети во Република Македонија. Судовите покажуваат ефикасност во решавањето на стечајните постапки констатира министерот Маневски.

Оваа Тркалезна маса е од исклучително значење, и е во функција на извршување на обврските на доверителите, и спроведување на одрeдбите на Законот за кривична постапка кој е веќе изготвен и  треба да влезе во собраниска процедура. Целта на Тркалезната маса и е споделување на заеднички искуства и навикнување на тимско работење на институциите заради нивна поголема ефикасност во постапувањето во стечајните постапки.

Во  многу стечајни постапки кои се покренати и оние кои се  активни и  во завршените има економски криминал и злоупотреба на средствата. Законите се донесени за нивна конкретна примена истакна министерот Маневски. Дали има некакво согледување за иницирање на одредени дејствија .Одговор на ова прашање треба да даде стечајниот судија ,стечајниот управник и другите органи кои ја имаат таа законска обврска за иницирање на постапка.

Работниците кои се жртви на долгогодишни мачни стечајни постапки очекуваат постапките конечно да завршат и да бидат намирени нивните законски  граѓански права кои го допираат нивниот секојдневен живот како право по здравствен, социјален или пензиски основ, истакна Маневски.

Вие сите сте се среќавале со вакви ситуации , им се обрати на присутните министерот Маневски, но јас би Ве замолил овие законски мерки да ги применувате. Тие се во функција никој од учесниците во стечајната постапка да не ги злоупотребува одредбите  од Законот за стечај и да не се дозволи тие некаде да траат и по десет години, истакна Маневски.

Со измените во Кривичниот законик, како што нагласи Маневски, се препишуваат нови мерки кои се однесуваат на правните лица, односно забрана на правно лице да врши определена дејност и забрана на правно лице да основа ново правно лице.

- Со новите мерки кои ги предвидуваат измените на Кривичниот законик може да се изрече мерка забрана на основање ново правно лице на оние субјекти кои така постапуваат затоа што на тој начин се оштетуваат граѓаните, доверителите, а тоа не е во духот на создавање на бизнис климата и не е во духот на враќање на довербата, рече министерот за правда.

Според него, со мерките кои се преземаат за ефикасно спроведување на стечајната постапка ќе се оневозможи криминал и корупција во овие постапки, а тоа ќе се направи и со добра соработка помеѓу институциите, односно помеѓу стечајниот судија, стечајниот совет, Управата за јавни приходи, Финансиската полиција, МВР и Јавното обвинителство. Треба да се воспостави линк  за соработката на институциите ,потенцира Маневски,  кога ќе бидат забележани одредени дејствија за злоупотреба на имот, да се реагира за да се остварат целите на законската постапка.

Според министерот за економија Фатмир Бесими, стечајната постапка е многу значајна од аспект на деловната клима во Македонија, затоа што со неа се затвора кругот што значи влегување и излегување во и од бизнисот. - Ова е значајно затоа што со оваа мерка се штитат доверителите, а тие се значајни субјекти во економската активност. И токму затоа треба да се прати јасен сигнал дека нивните интереси се заштитени. На тој начин ќе пратиме јасен сигнал за добра бизнис клима и оти има простор за нејзино подобрување, рече Бесими.

Тој ги посочи извештаите на Светска банка за бизнис климата, каде Македонија, како што рече, има исклучително добри резултати, односно се наоѓа на 12-то место на светско ниво од вкупно 190 земји.

Бесими нагласи дека во иднина очекува со една јасна дефинирана и координирана активност на надлежните институции решавањето на стечајните постапки да се подобри и да биде поефикасно, со точно утврдена одговорност на сите институции.

Министерството  за економија во тој дел, како што додаде Бесими, лиценцира обуки за стечајните управници, а во овој период има одземено и лиценци на оние кои согласно законот не ги исполнуваат условите. - Министерството за економија досега има одземено лиценци на десеттина стечајни управници кои согласно законот не ги исполнуваат условите, а тоа е јасен сигнал за сите кои се вклучени во оваа постапка, затоа што на тој начин ќе се подобри бизнис климата во Републиката, додаде министерот Бесими.

На тркалезната маса, покрај судии и јавни обвинители, присуствуваа и претставници на Министерството за економија, Министерството за внатрешни работи, Управата за Финансиска полиција, Управата за јавни приходи, Комората на стечајни управници и Државно правобранителство на Република Македoнија.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk