ПРОМОЦИЈА НА ЗАПОЧНУВАЊЕ СО ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА МАЛОЛЕТНИЧКА ПРАВДА  
     
 

24.06.2009

 
 

МИА - Заштита на малолетниците и нивните права, социјализација и помош во постапувањето со нив, се основните начела на Законот за малолетничка правда кој ќе почне да се применува од 30-ти овој месец.

Министерот за правда Михајло Маневски во своето обраќање на денешната промоција на Законот, истакна дека унапредувањето на правата на детето е дел од севкупната реформа на правосудниот систем и кривичното законодавство во Македонија.

- Гарантирањето на демократијата, владеењето на правото и заштитата на човековите права се дел од Копенхагенските критериуми за членство во ЕУ кои треба да ги исполниме на патот кон пристапувањето во европското семјество, рече Маневски, додавајќи дека Законот за малолетничка правда е на линија со аспирациите за добивање датум за почнување преговори за членство во Унијата.

Тој напомена дека во функција на спроведување на Законот, почетна обука посетиле 265 судии и јавни обвинители, адвокати, социјални работници и полициски службеници. Министерот за правда истакна дека во речиси сите основни судови со проширена надлежност формирани се специјализирани судски оддели за малолетнички криминалитет и дека сите судии имаат посетено обука за примена на Законот за малолетничка правда. Со Законот, додаде Маневски, се предвидува формирање на специјализирани судски оддели за малолетнички криминалитет во основните судови со проширена надлежност составени од судии, совети и советници за малолетни лица.

Маневски изрази уверување дека се создадени предуслови за ефективна примена на Законот, но, како што рече, е потребно и натамошно интензивирање предвидено во активностите од Акцискиот план за спроведување на овој Закон.

Министерот за труд и социјална политика Џељал Бајрами нагласи дека за подобрување на заштитата и постапувањето со малолетникот, акцент се става на самата превенција на престапништвото. Тој додаде дека шесте центри за социјална работа кои се формирани во поголемите градови во Македонија имаат суштинска улога за рано откривање на деца кои се во социјален ризик, за нивна заштита преку соодветни форми на социјална заштита, за работа со деца кои веќе извршиле дело без оглед дали се кривично одговорни или не.

Шелдон Јет, шеф на Канцеларијата на УНИЦЕФ, посочи дека има потреба од дополнителни инвестиции за центрите за социјална работа за обезбедување ефикасно спроведување на мерките од ова законско решение.

Шефот на Одделот за владеење на правото од набљудувачката мисија на ОБСЕ во Скопје Лиса Тилни укажа дека за целосна имплементација на Законот е потребна координирана соработка на сите институции и усогласеност на овој Закон со другите законски решенија. Таа додаде дека има потреба од воведување на програма за ресоцијализација на малолетниците затоа што доколку тоа не се постигне, се што е досега сработено ќе биде залудно.

Академик Владо Камбовски подвлече дека почетоците за создавање на ова законско решение датираат од 2002 и 2003 година и оти за него се вршени многу сериозни подготовки.

- Ова не е обичен закон затоа што целиот негов концепт е антирепресивен и во него нема ниту еден збор кој влече кон репресија, рече Камбовски.

Целиот модел на малолетничка правда, како што додаде, треба да биде заснован врз комплементарни мерки за поддршка, грижа и помош на малолетникот.

- Без општа поддршка овој Закон не би можел да успее. Но, поддршката е претпоставена затоа што грижата за децата е наша заедничка обврска, подвлече Камбовски.


Почетокот на примената на Законот кореспондира со прославата на 20-годишнината од Конвенцијата на ОН за правата на детето, 50-годишнината на Европскиот суд за човековите права и 60-годишнината на Советот на Европа.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk