Забрана за вршење професија за осудените за изборни дела, предвидуваат новите измени на Кривичниот законик  
     
 

03.07.2009

 
 

МИА - Од една до 10 години забрана за вршење професија, дејност или должност предвидуваат новите измени на Кривичниот законик за сите лица кои ќе бидат осудени на казна затвор од најмалку шест месеци за дела поврзани со изборите и гласањето, информираше денеска министерот за правда Михајло Маневски на консултативната средба со претставниците на парламентарните партии во врска со Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за финансирање на политичките партии.


- Сите лица кои ќе бидат казнети за кривични дела против изборите и гласањето не алтернативно, туку облигаторно доколку бидат осудени на казна затвор од најмалку шест месеци да може да им се изрече оваа казна за забрана на вршење професија, дејност, должност од една до 10 години, изјави Маневски посочувајќи дека овие   измени на Кривичниот законик  влегуваат во владина процедура . 

Измените на законикот предвидуваат казна од најмалку пет години за одговорното лице во политичката партија за непријавување донации или други средства за финансирање на изборната кампања, за спречување надзор на финансирање на изборната кампања, за неподнесување финансиски извештаи или за давање лажни и непотполни информации за донации и други средства. Исто така, како што рече Маневски, се предвидува и казна затвор до три години за лице кое спротивно со ограничувањето определено со закон тајно ќе донира за туѓа изборна кампања или за кампања за избори во кои тој самиот учествува со износ кој го поминува законскиот максимум. Исто така  предвидено е незаконски обезбедените средства да се конфискуваат.

Маневски посочи на овие измени како дополнување на предвидените глоби во новите измени на Законот за финансирање на политичките партии. 

Така, се предвидува ако висината на донацијата е поголема од износот утврден во Законот,  политичката партија е должна надоцна во рок од 15 дена разликата да ја врати на донаторот. Доколку не може да се утврди потеклото на донацијата, овие средства во рок од 15 дена да ги префрли на Буџетот на Република Македонија.

Доколку одговорното лице за финансиско работење на политичката партија најдоцна во рок од 15 дена нема да ја врати разликата меѓу дозволената и донираната вредност на донацијата, на донаторот ќе му се изрече глоба од 1.000 до 1.500 евра во денарска противвредност. Глоба од 2.500 до 5.000 евра во денарска противвредност ќе и се изрече и на политичката партија. На лицето одговорно за финансико работење на политичката партија која во рок од 15 дена од денот на добивањето на донацијата чие потекло не може да се утврди не ја префрли во Буџетот на Република Македонија ќе му се изрече глоба од 1.000 до 1.500 евра. За истиот прекршок политичката партија, како што се предвидува, ќе треба да плати од 2.500 до 5.000 евра.

Доколку партијата јавно не го објави годишниот финансиски извештај на својата веб-страница и најмалку во еден од дневните весници на политичката партија ќе и се изрече глоба од 2.500 до 5.000 евра. Годишниот финансиски извештај на политичката партија треба да содржи податоци за вкупните приходи и расходи, вкупен износ на донации, односно подароци, прилози, дотации, пари, материјални средства, опрема, услуги и друго, вкупен износ на чланарина, легати и сопствени приходи. Исто така се создава обврска Државниот завод за ревизија и Министерството за финансии на својата веб страница да ги објавуваат ревизорските извештаи за политичките партии каде е извршена ревизијата.

Маневски посочи дека измените се во насока на транспарентно финансирање на политичките партии, изворите на финансирање, системот на контроли, вклучувајќи ги  донациите и нивните извори и механизми на објавување на извештаите.

И покрај поканата на консултативната средба не присуствуваа пратениците од политичките партии на етничките Албанци, додека за претставниците на опозицијата измените не предвидуваат ништо ново освен глобите и објавите во дневните весници.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk