Подготовката на Законот за заштита од дискриминација чекор кон Европа  
     
 

19.10.2006

 
 

Министерот за правда Михајло Маневски денеска имаше средба со Мирјана Најчевска, претседател на  Хелсиншкиот комитет на Република Македонија. 

На средбата г-ѓа Најчевска го информираше министерот Маневски за мерките што се преземени за подготвување предлог Закон за заштита од дискриминација. Таа рече дека при тоа се направени сеопфатни анализи на препораките на ЕУ за донесување на Закон за недискриминација, како и на постојните Закони за недискриминација на земјите членки и земјите пристапнички во ЕУ. Таа додаде дека верзијата на законот што ја изработил Хелсиншкиот комитет се потпира на законите на Република Бугарија, Република Романија и на Република  Северна Ирска. Претседателот на Хелсиншкиот комитет, Најчевска  го замоли министерот  Маневски Предлог законот за заштита од дискриминација да биде разгледан од страна на Министерството за правда со цел започнување на процедурата за негово донесување.

Министерот Маневски се заблагодари за огромниот труд кој го вложил Хелсиншкиот комитет на Македонија во подготовката на предлогот кој претставува позитивен чекор за нашата земја и е во согласност со обврските од Европската унија. Тој рече дека текстот ќе биде разгледан и проучен во Министерството за правда, а дека Законот би се носел во две фази.

На средбата стана збор и за реформите на пенитенцијарниот систем, на барање на минисерот Маневски, при што констатира дека  досега е направено многу малку за подобрување на состојбите.

Тој додаде дека во моментов се прави темелно снимање на секој затвор со цел да се проценат реалните потреби и можности во насока на утврдување на приоритетите и нивно постепено решавање.

Министерот за правда, Маневски и претседателот на Хелсиншкиот комитет на Македонија, Најчевска ја изразија определбата за идна поблиска соработка на двете институции  во наредниот период.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk