Презентиран Проектот за правна и правосудна имплементација и институционална поддршка на Министерството за правда  
     
 

10.07.2009

 
 

(МИА) - Седум згради на основни судови со проширена надлежност во Македонија комплетно се реновирани и опремени со мебел и друга опрема во рамки на Проектот за правна и правосудна имплементација и институционална поддршка на Министерството за правда и Светската банка.

- Комплетно се реновирани судските згради во Тетово, Велес, Струга, Охрид, Штип, Струмица и Прилеп, тековно се одвиваат градежни активности во основните судови во Гостивар и Кочани, а наскоро ќе отпочнат работите за реновирање на Основниот суд во Куманово, истакна министерот за правда Михајло Маневски денеска на презентацијата на проектот.

Маневски нагласи дека е комплетирано идејното архитектонско решение за изградба на новиот кривичен суд во Скопје, во близина на судската зграда, на површина од 8.000 метри квадратни и оти според планираното се очекува работите да започнат кон крајот на оваа година.

Првпат судовите во Македонија, рече тој, по повеќе десетолетија поминати во лоши и недостојни услови за работа судската власт добива нов европски лик на модерно судство.

- Напорите на Владата на Република Македонија за подобрување на условите за работа во судството е уште една порака до граѓаните на Македонија за уставна гаранција и заштита на нивните права и слободи, истакна Маневски.

Судовите во Македонија стануваат ажурни и ефикасни, рече Маневски, посочувајќи дека ако се спореди работењето на судовите во изминативе три години, односно од јуни 2006 до јуни 2009 година може да се види дека е намален остатокот на нерешени предмети и оти е совладан приливот на предметите за околу 257.603 предмети или 26 проценти. - Доколку се споредат пак 2008 и 2009 година исто така се гледа дека е намален бројот на нерешени предмети за 132.296 или за 17 проценти, додаде тој.

Освен реновирање на зградите на основните судови, Проектот опфаќа и зајакнување на институционалните капацитети за подобрување на судската инфраструктура и на информатичката технологоја во судовите.

- Во рамките на реализацијата на информатичката стратегија на Министерството за правда,  а заради транспарентност на судската власт, во судовите е воведен интернет и секој основен суд, како и Управниот и апелациските судови ,имаат сопствена веб страница, рече Маневски.

Во контекст на тоа, тој додаде дека на веб страниците на судовите ќе започнат да се објавуваат и судски пресуди со што граѓаните ќе можат навремено да бидат информирани за работата на секој судија и предмет поединечно.

Во текот на оваа година извршена е и едукација на судиите во Академијата за обука на судии и јавни обвинители, каде се одржани вкупно 113 обуки со вкупно 2.922 учесници.

Проектот е имплементиран со заем од Светската банка во вкупен износ од 11.800.000 евра во изминативе 2,5 години.

Контрола на материјално-финансиското работење на Министерството за правда во врска  со искористувањето на кредитот од Светска банка за Проектот за правна и правосудна имплементација и институционална поддршка извршила Ревизорската куќа Гранд - Торнтон и притоа не се утврдени никакви забелешки во работењето.


Реализирани активности (Презентација)

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk