Обука за елиминација на сите форми на дискриминација кон жената  
     
 

14.07.2009

 
 

(МИА) -  Еден од начините да се елиминира дискриминацијата е да се мобилизираат сите фактори во општеството со цел спроведување на основниот концепт на социјална еднаквост, човекови права и демократија, истакна министерот за труд и социјална политика Џељаљ Бајрами на отворањето на првата обука за судии, јавни обвинители, персонал на народниот правобранител и адвокати, за Конвенцијата на ОН за елиминација на сите форми на дискриминација кон жената и Факултативниот протокол.

Нашата држава, рече Бајрами, сеуште се соочува со различни форми на родова дискриминација.

- Посветено работиме на имплементација на Законот за еднакви можности на жените и мажите, како имплементација на целите и приоритетите од Националниот план за родова рамноправност, усвоена од Владата на Република Македонија, додаде министерот за труд и социјална политика.


Министерот за правда, Михајло Меневски посочи дека како потписник на Конвенцијата државата презема мерки заради отстранување на дискриминацијата на жените што ќе обезбедат еднакви права со мажите во политичкиот и јавниот живот, образование, здравство, вработување и сите прашања што се однесуваат на бракот и семејството.


- Жртвите на трговија со луѓе имаат посебен статус во кривичната постапка согласно одредбите на новиот Закон за кривична постапка, а истовремено ќе бидат корисници и на бесплатна правна помош согласно Законот, додаде Маневски.


Тој појасни дека застапеноста на жените со 28 проценти во законодавниот дом покажува оти законодавните мерки вродиле со плод, посочувајќи оти ќе продолжат и понатаму да преземаат мерки согласно одредите на Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација.

- Еднакви права за жените и мажите и нивната заштита се значајни за мирот, демократијата и економскиот развој, а со тоа и за безбедноста и стабилноста во регионот, рече амбасадорот на мисијата на ОБСЕ во Скопје Наталија Дрозд.


Република Македонија кон Конвенцијата пристапи во 1994 година, а го потпиша и Факултативниот протокол кој стапи во сила 2003 година. Конвенцијата за укинување на сите облици на дискриминација на жените (CEDAW) е еден од позначајните меѓународните договори за еднакви можности на жените и мажите која е усвоена од Општото собрание на Обединетите Нации на 18 декември 1979, а стапила во сила на 3 септември 1981 година.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk