Средба на министерот Маневски со заменикот претседател на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања Васко Наумовски  
     
 

15.07.2009

 
 

(МИА) - Министерството за правда и министерот Михајло Маневски и во следните неколку недели ќе работат со полн интензитет за да бидат донесени сите неопходни закони и да бидат исполнети реформите во судскиот систем пред есенскиот извештај за напредокот на Македонија.

Вакви уверувања добил вицепремиерот за европски прашања Васко Наумовски на денешната средба со министерот Маневски и неговите соработници.

- Со министерот за правда денеска имавме конструктивна средба. Тој и неговите соработници ме запознаа со активностите што се преземаат во насока на исполнување на одредниците поврзани со процесот на европска интеграција. Добив силни лични уверувања и од министерот и од Министерството за правда дека во наредните неколку недели ќе се работи со интензитет, што би резултирал со соодветни резултати. Министерството за правда ќе има чисто досие во однос на работите што треба да се спроведат со цел Република Македонија да ја добие препораката за почеток на преговорите со Европската комисија, изјави Наумовски.

Во врска со Предлог на законот за Собранието чие што донесување со консензус е условено од опозицијата, вицепремиерот Наумовски изјави оти искрено верува во намерите на сите пратенички групи во нивната определба за донесување на сите закони кои се потребни за добивање позитивен извештај и изрази надеж дека во наредните неколку недели тие недоразбирања ќе бидат надминати.

На средбата, според Маневски, биле разгледани сите прашања што се однесуваат на исполнувањето на одредениците за функциите на судски систем и реформите во него.

- Од тоа што досега е сторено можеме да бидеме задоволни бидејќи во функцинирањето на судскиот систем се конституирани девет нови институции, како што е Управниот суд, Апелацискиот суд во Гостивар, посебното Јавно обинителство за гонење организиран криминал и корупција, Судскиот совет, Советот на јавни обвинители...Во фаза на избор се кандидати за судии и јавни обвинители, донесување закони, анализи следење на состојбите во врска со управното законодавство, финансирањето на политичките партии, потоа за кривичниот законик кој што синоќа помина на владина седница и ќе оди во собраниска процедура. Законот за судир на интереси ќе се најде на наредната седница на Владата, изјави Маневски.

Тој додаде дека се прави и анализа за изборното законодавство врз основа на извештајот на ОБСЕ/ОДИХР за последните избори, кој, според Маневски, треба да одговори дали и во која насока треба да се вршат одредени измени во Изборниот законик.

- Од аспект на намалување на судските предмети, решени се околу 28 проценти или 257 илјади предмети споредено со 2006 година. Во однос на довербата во судството, во 2008 година направени се две истражувања, првото во март покажува доверба од 69 проценти, второто во ноември - 78 проценти. Има и трето истражување од УСАИД во април 2009, според кое довербата на судството изнесува околу 82 проценти, изјави министерот за правда.

Запрашан за политичките влијанија во судството, Маневски изјави дека не би можел да каже на што се однесува тоа, но оти веројатно се мисли на изборот на судиите. - Најголемиот број избор на судии го вршиме од Академијата за обука на судии и јавни обвинители согласно критериумите на стручност и компетентност, на она што значи гаранција за успешно вршење на судската функција. Тоа се елементите од кои се раководиме и секако дека сите политички влијанија се острануваат и од работата на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители, рече Маневски.

За тоа дали ќе си поднесе оставка на функцијата поради случајот со пензиите министерот Маневски истакна дека веќе одговорил на тоа прашање. - Не сум го оштетил Фондот. Напротив, имам побарувања од таму од кои се откажувам. Еднаш веќе треба да биде јасно дека тоа е измислена работа од која некој имаше интерес да ја пласира без каква било основа, истакна Маневски

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk