Прес конференција на министерот Михајло Маневски: Судските такси се намалуваат за 20 отсто  
     
 

18.07.2009

 
 

(МИА) - Судските такси за сите спорови ќе се намалат за 20 проценти, соопшти денеска на прес-конференција министерот за правда Михајло Маневски, презентирајќи ги најновите законски решенија кои веќе се доставени во Собранието.

Поевтинувањето на таксите, рече Маневски, е од интерес на граѓаните иако тоа практично ќе значи намалување на приходот во државниот Буџет за околу 123 милиони денари.

- Новиот закон за судски такси е доставен до Парламентот, а неговата цел е на граѓаните да им се олесни пристапот до првадата. Пристап до правдата треба да имаат сите лица независно од нивната материјална положба. Ниту еден граѓанин не треба да биде доведен во ситуација да нема пристап до правдата поради неговата лоша материјална состојба или поради немање финансиски средства, истакна Маневски.

Според проценките на Министерството за правда, намалувањето на судските такси може да доведе до зголемување на предметите во судовите.

Маневски се осврна и на измените во Законот за народниот правобранител кои исто така се наоѓаат во собраниска процедура, а предвидуваат посебна заштита на децата и на инвалидните лица.

- Согласно измените, народниот правобранител се дефинира како национален превентивен координатор за заштита на децата и на лицата со ограничено движење. Обезбедува посебна заштита на децата и на инвалидните лица кои се предмет на мачење или друг вид сурово, нечовечко, понижувачко однесување или казнување од органите, организациите и установите во кои слободата на движење е ограничена. Тоа се заводите каде прстојуваат лицата со заостанат душевен развој, психијатриски клиники, затвори,..., објасни министерот.

Народниот правобранител ги следи овие установи, како и остварувањето на законските права на лицата, и презема мерки согласно законот. Може да оди ненајевно во секоја од спомнатите институции или да бара од овластените лица увид во сите податоци. Доколку констатира одредени недостатоци, овластените се должни да ги отстранат во рок од 30 дена. Ако тоа не го сторат, се казнуваат со глоба до 1.000 евра.

Измените предвидуваат и формирање посебно оделение за заштита на децата и на лицата со посебни потреби кај Народниот правобранител.

Владата, додаде Маневски, го утврди и Предлогот за изменување и дополнување на Законот за медијација.

- Законот за медијација е во интерес на граѓаните. Тие мора да се запознаат со користа од ова решение. Подобро е да има спогодба, наместо долга и скапа парница, напомена Маневски.

Со измените на Законот постапката на медијација се скратува од 60 на 45 дена, а освен во парнична, се воведува и во кривична, како и во малолетничка постапка. Медијатор може да биде лице со високо образование кое има работно искуство најмалку пет години од дипломирањето и соодветен сертификат од Министерството за правда.

На прес-конференцијата министерот потенцира и дека е направен огромен квантитативен скок во решавањето на сите видови судски предмети. Се намалува, рече, и бројот на новопримените предмети.

На крајот од првото шестмесечие годинава бројот на нерешени предмети е намален за 29 отсто во однос на истиот период во 2006 година или за 18 проценти во однос на првите шест месеци лани.

- Бројот на нерешени предмети е намален кај кривичните за полнолетни лица за 21 отсто, кај кривичните малолетнички предмети за 22 процента, кај истрагите за 32 отсто, кај стопанските предмети за 10 проценти, а кај вонпроцесните за 40 отсто. Огромен скок е евидентен кај стечајните предмети каде бројот на нерешените во однос на 2006 година е намален за 72 отсто, односно за 47 проценти во споредба со лани, посочи Маневски.

Со измените на законите за парнична постапка и за извршување, извршните предмети од 1 јули 2010 година ќе бидат во надлежност на извршителите по барање на доверителите, а по платните налози ќе постапуваат граѓаните. Во овој случај на граѓаните им се обебедува максимална судска гаранција.

Министерот рече дека околу 82 отсто од нерешените извршни предмети не се доставени до граѓните поради што тие немале можност да поднесат приговор.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk