Отворено новото притворско крило во Затворот Скопје  
     
 

29.07.2009

 
 


(МИА) -
Премиерот Никола Груевски и министерот за правда Михајло Маневски во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари денеска го пуштија во употреба новото притворско крило.

Со новото притворско крило, чија изградба почна на 25 јули минатата година,  ќе се зголеми капацитетот на затворот за 170 лица, така што ќе можат да се прифатат вкупно 310 лица.

- Условите за живот во затворите и начинот на кој во нив се третираат се рефлексија на совеста и хуманоста на општеството. Затворениците се под контрола на државата и затоа таа има обврска да им обезбеди престој во кој целосно ќе се почитуваат нивните човекови права и достоинство и со кои ќе се обезбедат услови за нивна успешна ресоцијализација и социјална адаптација, рече премиерот Груевски. 

Големината на притворските простории изнесува од 40 до 55 метри квадратни и во нив ќе бидат сметстени по едно, две или најмногу три лица, што според министерот за правда Михајло Маневски ги надминува меѓународните стандарди за неопходно потребен минимален простор по лице во казнено - поправна установа. Изградени се и четири шеталишта за престој на притворените лица на отворен простор и површината на секое шеталиште изнесува 378 метри квадратни.

Новите притворски простории имаат отворено одделение, работен дел за службените лица, реконструирана е кујната, изграден преграден ѕид со контролни кули и обновена фасадата на зградата. Во негови рамки изградена е и опремена амбуланта за редовни медицински прегледи и медицинска заштита на притворените лица. 

Во ова притворско одделение ќе бидат сместувани лица обвинети за најтешките кривични дела од организираниот криминал и корупцијата, за кои е предвидена казна затвор од најмалку десет години или доживотен затвор.

Премиерот Груевски најави дека во 2010 година е предвидено да започне дополнителна реконструкција на затворот „Скопје“ со доградба на повеќе внатрешни обејкти, како и реконструкција на центарот за посети на затвореното и отвореното одделение. 

Во рамките на реформите на пенитенцијарниот систем во земјата, направена е реконструкција на затворите во земјата така што капацитетот во нив е зголемен за 420 нови легла. Се изгради и штипскиот затвор, а се предведени инвестиции во затворот Идризово, Куманово, Битола, Охрид, Тетово, Гевгелија и Струга.

Според програмата на Владата за подобрување на состојбите во затворите во периодот од 2008 до 2012 година, предвидени се 14 милиони евра, од кои четири милиони се обезбедени од буџетот. Останатите 10 милиони евра потребни за реализација на оваа програма, донесена во март годинава, ќе бидат обезбедени со кредит од Европската банка за обнова и развој. Новото притворско крило е изградено со буџетски средства во висина од 30 милиони денари.


Говор - премиер Груевски (целосен текст)

Говор - министер Маневски (целосен текст)

 

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk