Интервју на министерот Михајло Маневски за весникот „Нова Македонија“  
     
 

11.08.2009

 
 

Нема да поднесам оставка поради лагите на Бучковски

 

Министерот за правда Михаило Маневски кој последниве неколку месеци беше прозиван во јавноста поради скандалот дека четири месеци незаконски земал и плата и пензија тврди дека станува збор за една голема невистина што намерно му ја пласирала опозицијата. Првиот човек на Министерството за правда не размислува за оставка затоа што, како што вели, не само што не му должи на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, туку и му оставил околу 20.000 денари, кои законски му следувале. "

Судството, како што тврди Маневски, ќе биде исполнета одредница во есенскиот извештај на Европската комисија. Министерот за правда тврди дека нема политика во смената на првиот скопски обвинител Стерјо Зиков.

- Зиков имаше 4 до 5 илјади нерешени предмети и вие знаете дека во тоа обвинителство имаше случај каде што гонењето за 2 милиони евра застаре затоа што пет години не беа преземени никакви дејства - рече Маневски, алудирајќи на случајот со кожарницата „Годел“.



Што треба да се заврши до 15 септември со цел Министерството за правда да има чисто досие во однос на исполнувањето на реформите за добивање на датум за преговори со ЕУ?

- Судството е една од најважните одредници и веќе сме сосема на крајот во исполнување на обврските. Останува уште да се усогласат измените на Законот за државните службеници, а Законот за спречување на судир на интереси веќе е на второ читање. Очекуваме и до крајот на септември да бидат избрани сите кандидати од Академијата за судии и обвинители. За првпат по 17 години судството се крена на нозе. Судовите се целосно ажурни и ефикасни. Ако направиме споредба на 2006 и 2009 година, ќе видиме дека во период од првите шест месеци, приливот на предмети во судовите годинава е намален за околу 269.000 предмети или 29 проценти помалку предмети во шкафовите на судовите. Основавме нови институции, а судството во целина е зајакнато со нов кадар, што е една од обврските пред Европската комисија. Со еден збор, судството презема интензивни мерки и активности во насока на целосно исполнување на судските реформи и компатибилноста на нашето законодавство со европското.



Европската комисија речиси во сите досегашни извештаи не пропушта да забележи дека буџетските ограничувања на судството се голем ризик за неговата ефикасност.

- Иако во годините наназад судскиот буџет номинално расте, сите укажувања во извештаите на Европската комисија и во оценската мисија се во насока на тоа финансирањето да биде поставено на поинаква основа, т.е. да се знае учеството на судската власт со соодветен процент во буџетот. Ако се види како буџетот расте, тогаш се покажува дека на одреден начин финансирањето на судството опаѓа. Ние сакаме стабилно финансирање на судството, т.е. судскиот буџет да расте пропорционално со буџетот на државата. Судскиот буџет треба да го предлага судски буџетски совет, затоа што на тој начин се изразува и самостојноста на вршењето на судската функција. Затоа планираме финансирањето да биде поставено на нова основа, токму во насока на јакнеење на неговата независност од извршната власт.



Со какви аргументи Македонија ќе докаже пред ЕУ дека има независно судство?

- Гаранција за самостојноста на судството е функцијата која судовите ја извршуваат во рамките на нивните законски овластувања и должности. Независноста на судството ја гарантира Судскиот совет како највисок орган кој се повеќе добива на тежина поради оваа своја функција. Судскиот совет за првпат ја оцени работата на секој судија. Се поведе дисциплинска постапка против 64 судии, а разрешени се околу 19 судии поради нестручно и несовесно вршење на работата.



Дали сметате дека врз независноста на судството негативно влијае тоа што премиерот Никола Груевски го повика во Владата претседателот на Апелациониот суд, Јордан Митриновски?

- Некои работи се преувеличуваат и им се дава сосема поинаква конотација, отколку што е суштината. Владата и Министерството за правда имаат надлежност да ги обезбедуваат условите за работа во судовите. Не би рекол дека врз независноста на судството може негативно да влијае тоа што претседател на една влада го примил претседателот на Апелациониот суд како најголем суд во државата. Секако дека премиерот изразил определен интерес за функционирањето на судот и немал намера да се меша во работата или во начинот на одлучување.



Дали размислувате да си поднесете оставка поради скандалот што го обелодени опозицијата дека на ваша сметка се слевала истовремени и плата и пензија?

- Апсолутно не размислувам за оставка затоа што нема никаква причина за тоа. Се работеше за една голема невистина на која и ставам крај со известувањето што ми го испрати Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на 16 јули преку кое бараат да им ја доставам мојата трансакциска сметка за да може да ми ги исплатат неисплатените делови од пензии. Значи јас не сум направил никаква отштета, туку напротив, Фондот не ми исплати неколку делови од пензии. Воопшто не стануваше збор за цели пензии како што се зборуваше во јавноста, туку за делови од пензии, околу 30 отсто. По ваквото известување од Фондот, јас дадов изјава дека се откажувам од правото на исплата на тие делови од четири пензии од 2007 и 2008 година, што ми следуваа законски. Преку изјавата се откажав од правото на исплата на сумата од речиси 20.000 денари.



Обвинувањето се однесува на периодот од првите четири месеци од годинава, кога со измените од Законот за пензиско и инвалидско осигурување се забранува истовремено да се зема плата и пензија. Пратеникот Владо Бучковски тврди дека четири месеци незаконски сте земале двојни приходи.

- Тоа апсолутно не е точно затоа што јас не сум ја земал сумата што законски ми следува од 2007 и 2008 година, камо ли да примам нешто што не ми следува. Напротив, јас сум му оставил на Фондот околу 20.000 денари. Се протури една лага на која конечно треба да се стави крај. Јас толку водев сметка, што и тоа што ми следуваше, не го земав.



Дали отчетноста на политичките партии може да профункционира со последните измени во Законот за финансирање на политички партии што предвидуваат казни во висина до 5.000 евра за партиите, сума што може да биде пресметан ризик за големите партии, кои трошат милионски средства за време на кампања?

- Не би било добро да се сведат нештата само на тој закон. Во кривичниот законик правиме надоградба на казнената одговорност за кривичните дела што се однесуваат на финансирање на предизборната кампања со кои се предвидува затворска казна за неприкажување на донациите, кога ќе се дадат лажни податоци, или кога партиите нема соодветно да ги поднесат извештаите.



Но проблемот во Македонија е што ниту една институција досега не им влегла во трага на тајните финансиери на партиите. Со малверзациите што ги прават партиите во финансирањето на милионските кампањи се занимаваат само медиумите, додека институциите меѓусебно си ја префрлаат одговорноста за тоа кој е должен да ја води истрагата.

- Во согласност со законите надлежни институции за истрага се Државниот завод за ревизија и Управата за јавни приходи. Значи овие две институции се должни да ги известат органите на прогонот кога ќе откријат дека не се прикажани донациите, дека се кријат донаторите или за тоа дека невистинито се прикажува вредноста на донацијата. Прашањето е во примената на законите. Во законот вградивме одредба што ќе ја јакнее положбата на овие институции, контролните механизми што треба да вршат надзор дали реално се прикажуваат донациите, дали не се прикриваат некои средства за финансирањето на изборната кампања. Сето тоа е во функција на законито финансирање на изборна кампања и избегнување на финансирањето надвор од законот. Ова го имало во минатото, но да се трудиме да го нема во иднина.




Новинарите и понатаму кривично ќе одговараат за клевета 

Со измените на Кривичниот законик се предвидува да нема казна за клевета за новинарите што пренесуваат изјава од друг. Се размислува ли за декриминализација на навредата и клеветата, по пример на законодавството на другите земји?


- Декриминализација на целото дело не може да има бидејќи во јавноста ќе има навреди и клевети. Законските измени кои предвидуваат да не се казни за клевета тој што пренесува нешто што е кажано од друг се големо излезно решение за новинарите.Практично новинарите досега беа изложувани на одредени постапки за клевета и навреда за нешто што го изнесуваа други, а тие само го пренесуваа. Ваквите измени се во функција на слободата на изразување.




Кај Зиков застаре случај вреден 2 милиони евра 

Дали последната смена на обвинителите е мотивирана од реформите во судството, или пак од политиката?

- Тука нема никаква политика, туку се работи за процена на она што треба да значи стручно и одговорно работење. Јавното обвинителство на Македонија изврши увид за тоа како работат сите обвинителства. За скопскиот обвинител се покажа дека има околу 4 до 5 илјади нерешени пријави, што стојат веќе подолго време. Тие пријави стојат нерешени кај други органи, но јавниот обвинител е должен да води постојана грижа за навремено решавање и ажурирање на постапките. Вие знаете дека во тоа обвинителство имаше еден случај каде што гонењето за 2 милиони евра застаре затоа што пет години не беа преземени никакви дејства, освен тоа што се пишуваа некакви ургенции. Функцијата на јавниот обвинител не е да пишува ургенции, туку тој треба да биде активен чинител во сето она што треба да значи ефикасно прибирање на доказите и соработка со институциите. Ако вие имате 4 до 5 илјади нерешени пријави очигледно дека законот не е почитуван. На овој начин ќе се врши увид во работата на обвинителствата и во иднина.




Помилувањето на Ламбе беше по препорака на затворските власти 

Зашто Министерството за правда побара помилување за поранешниот висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ, Ламбе Арнаудов?


- Министерството поднесува барање за секое осудено лице што ги исполнува условите и кое ќе побара помилување. На сите осудени лица треба да се гледа еднакво, во рамките на законот. Овде стануваше збор за групно помилување по иницијатива подготвена од затворските власти што ги разгледуваат досиејата и однесувањето на осудените лица. На ист начин беше третиран и Ламбе Арнаудов. Се зема предвид неговото поведение во затворот и здравствената состојба.

 

 

 

Автор: Ивана Костовска

 

 

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
-->
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk