Средба министер Михајло Маневски – амбасадор на мисијата на ОБСЕ во Македонија Хозе Луис Хереро  
     
 

27.08.2009

 
 

         Министерот за правда на Република Македонија г-дин. Михајло Маневски оствари средба со Н.Е. Амбасадорот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, г-дин. Хозе Луис Хереро како дел од воспоставената практика за остварување на редовни средби на највисоко ниво. Целта на состанокот беше координација на тековните и идните проекти активности и продлабочување на соработката помеѓу двете институции во рамки на реформските процеси на Министерството за правда и тековните процеси во Република Македонија.

         На одржаниот состанок, министерот Маневски информираше за статусот на реализација на обврските на министерството за правда со цел успешно и понатамошно продлабочување на реформите во правосудниот систем. Министерот извести дека е подготвен Акциски План за постапување по препораките на ОБСЕ/ОДИХР за претседателските и локалните избори 2009 година, дека е донесена предлог методологија за прочистување на Избирачкиот список и избрани се пилот општини за нејзина примена; дека се направени измени и дополнувања на Законот за здруженија на граѓани и фондации во соработка со ОБСЕ; подготвени се нацрт измени и дополнувања на Законот за слободен пристап на информации од јавен карактер, дека е подготвен новиот Закон за кривична постапка со Акциски План со кој се воведува сеопфатна реформа во системот на кривична правда, дека измените и дополнувањата на Кривичниот Законик кои воведуваат нови кривични дела и зајакнување на системот на кривична правда се наоѓаат во Собраниска процедура, итн.

      Амбасадорот Хереро ја поздрави работата на министерството за правда и ажурноста при реализацијата на обврските, посочи дека ОБСЕ останува доследен партнер во тековните процеси на министерството со што се дава поголем кредибилитет на работата на министерството но подвлече дека сопственоста е во рацете на домашните институции што беше потврдено од министерот Маневски.

       Со цел продлабочување на соработката и продолжување на досегашната, на состанокот беше договорено да се воспостави механизам (на пр. работна група) со претставници од МП, ОБСЕ и други релевантни институции за пристапување кон измени на поширокото изборно законодавство во рамки на Акцискиот План за реализација на препораките на ОБСЕ/ОДИХР. Исто така, се разговараше дека треба се размисли за заеднички координиран пристап кон понатамошна и сеопфатна активност во насока на обезбедување на независен и ефикасен судски систем во функција на граѓаните на Р.М. Предлозите за овие активности со задоволство беа прифатени од МП. Маневски подвлече дека министерството за правда останува на курсот на обезбедување на независен и ефикасен судски систем за сите граѓани на Република Македонија.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk