Прес-конференција на министерот Маневски: Зголемен бројот на затворски казни за сексуална злоупотреба на деца  
     
 

17.08.2009

 
 

МИА - Во Македонија од јули 2008 до јули 2009 изречени се 44 затворски казни во врска со кривични дела на сексуална злоупотреба на деца и педофилија. Ова зголемување на изречените казни затвор се должи пред се на примената на поостра казнена политика предвидена со измените на Кривичниот законик од ноември 2008 година.

- За овој период затворска казна над осум години им е изречена на 11 лица, затвор од три до осум години им е изречен на седум лица, затвор од една до три годинини им е изречена на 16 лица, затвор до една година им е изречен на 10 лица, а на три лица им е изречена условна казна, информира на денешната прес-конференција министерот за правда Михајло Маневски.

Тој потсети дека во претходните три години беа изречени пет казни затвор над осум години и 22 условни казни за сексуална злоупотреба на деца и педофилија.

- И во овој период, како и во претходниот најзастапено дело е „полов напад на малолетник кој не наполнил 14 години“. Возраста на сторителите е од 30 до 55 години, а претходно се движеше од 21 до 78 години, рече Маневски.

Возраста на жртвите, како што додаде министерот, е од 10 до 14 години, додека во претходниот период беше утврдена жртва со седумгодишна возраст.

Маневски посочи дека и времетрањето на постапките пред основните судови е значително намалено.

- Добар дел од предметите или 24 отсто се завршуваат во рок од еден до три месеци пред основните судови, додека пак претходно постапките пред првостепениет судови траеја до две години и шест месeци, додаде министерот за правда.

Од изречените затворски казни, 25 отсто се над осум години, од кои една казна од 15 години, две по 13 години, шест по 10 години и две казни по девет години.

Во казнено-поправните уставнови во Македонија во моментов за сексуална злоупотреба на деца и педофилија, казна затвор издржуваат 150 лица.

Маневски додаде дека со Предлог законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик кој во моментов е во собраниска процедура се предлага изрекување на забрана на вршење професија, дејност или должност кога е изречена затврска казна од најмалку шест месеци, ако делото е извршено од наставник, воспитувач, лекар или друго лице со злоупотреба на својата положба.

Предложените измени предвидуваат одговорност на правните лица за делото „посредување во вршење на проституција“.

- Присилба на малолетник за извршување на делото се казнува со затвор од три до осум години, односно најмалку четири ако се работи за малолетник, кој не наполнил 14 години, додаде Маневски.

Министерот посочи дека со предложените измени за производство и дистрибуција на детска порнографија преку компјутерски систем  казната затвор од три до пет години се зголемува на најмалку пет години, а за набавка или поседување казната од шест месеци до три години затвор се зголемува на затвор од пет до осум години.

Со предложените измени и дополнувања на Кривичниот законик се воведува ново кривично дело „намамување на обљуба или друго полово дејствие на малолетник кој не наполнил 14 години“ за што се предвидува казна затвор од една до пет години. 

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
-->
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk