Прес-конференција на министерот Маневски – Активности и постигнати резултати за периодот август 2008 – септември 2009 година  
     
 

14.09.2009

 
 

МИА - Министерството за правда навреме и  успешно ги исполни сите предвидени обврски поставени од  Европската комисија. Постојано спроведува  реформи  за воспоставување правосудство според европски критериуми кои резултираат со негова зголемена ефикасност и пораст на процентот на граѓаните кои се задоволни од работата на судовите.

Такви оценки денеска изнесе министерот за правда Михајло Маневски,  презентирајќи го на прес-конференција сработеното во изминатата година во ресорот што го раководи.

Маневски истакна дека Министерството навреме ги завршило обврските од ЕК во делот  на правдата, антикорупцијата и фундаменталните права, содржани во одредниците  4 и 5. Потсети и на неодамнешната изјава на  еврокомесарот Оли Рен дека Владата  и Собранието завршиле добра работа во последните  неколку месеци, особено во судската сфера и администрацијата.

Повикувајќи се на резултати од анкета што ја спровеле УСАИД и Судскиот буџетски совет, министерот информира дека задоволството на граѓаните од работата на судовите се зголемува постојано.

- Во март минатата година од работата на судовите биле задоволни 69,73 проценти од анкетираните граѓани, во септември и ноември истата година тој процент изнесувал 78, а во март и април годинава процентот на задоволство од судската работа достигнал 82,18, тврди Маневски.

Меѓу показателите на постигнатите резултати во ефикасноста на судството за Маневски е и намалувањето на сите видови предмети во судовите кое се движи од 10 до 72 отсто. Бројот на нерешени предмети на крајот на првата половина на годинава, во споредба со истиот период лани е намален за 17 проценти. Најголемо намалување на нерешени предмети има кај стечајните за 72 проценти, по што следат  прекршочните со 58 проценти и извршните со 51 процент, а кај стопанските има намалување на нерешените предмети за 10 проценти.  

Годишната оценка на судскиот совет за работата на судитите била позитивна за 92,05 отсто од судиите, а  за 7,95 проценти незадоволителна.

Во изминатата година, тврди Маневски, Министерството за правда подготвило најмалку три пати повеќе закони, подзаконски акти и аналитичко-информативни матреријали, во споредба со претходниот мандат од четири години.

Министерот за правда  информира и дека менаџирањето со буџетот на судската власт од Врховниот суд преминува во надлежност на Судскиот совет, а со нацрт буџетот за 2009 година планираните средства за судската власт во споредба со 2008 година, се зголемени за 11 проценти.

- За стабилно финансирање на судската власт во наредната година се предвидува судскиот буџет да биде определен со фиксен процент од Буџетот на државата, рече Маневски.

Коментирајќи ги кратењата на финансиите за судството со буџетските ребаланси министерот за правда  истакна дека судскиот буџет  согласно препораките  на ЕК треба да биде поставен на нови основи.

- ЕК не е баш задоволна  со тоа што некои од прашањата се решаваат со ребалансот на Буџетот, туку бараат стабилни извори на финансирање. Затоа наредниот буџет на судската власт ќе биде во рамки на определување фиксен  процент во учеството на судската власт во рамките на државниот буџет, рече Маневски и додаде дека износот на тој фиксен процент ќе зависи од потребите и од зголемената фунцкија на судовите за да не бидат доведени во ситуација да не можат да ги  вршат работите поради недостиг на финансиски средства. 

ПРЕЗЕНТАЦИЈА  (6,45 MB)

 

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk