Работилница за примена на новото управно законодавство  
     
 

16.09.2009

 
 

МИА - Во насока за добивање ефикасна и ажурна јавна администрација Министерството за правда и Државниот управен инспекторат од денеска во Скопје организира четиридневна работилница за примената на новото управно законодавство.

Оваа обука ќе ја поминат 400 државни службеници, а иста таква обука во јуни и јули завршија 600 државни јавни службеници од органите на државната управа и единиците на локалната самоуправа.

Заменик-министерот за правда Ибрахим Ибрахими пред отворањето на работилницата рече дека нејзината цел е да се отстранат констатираните недостатоци во работењето на службениците од државните органи и единиците на локалната самоуправа.

Директорот на Државниот управен инспекторат Димитар Георгиевски посочи дека во првото полугодие од годинава вкупниот број на претставки и предлози доставени до Инспекторатот од физички и правни лица изнесува 330.

- Државниот управен инспекторат е орган кој пред се врши репресија поради својата инспекциска надлежност. Годинава инспекторатот внимание посветува на превентивата затоа што лесно е човек да се казни, а потешко е да се научи, рече Георгиевски, додавајќи дека оваа обука е еден од чекорите за придонес за поефикасна јавна администрација.

Целта на законодавството, како што рече тој, е да се скратат роковите за ажурирање на постапките, а со вакви обуки да се вложува во промената на менталитетот на сите кои се од другата страна на шалтерот бидејќи, како што додаде Георгиевски, „граѓаните се тие кои не плаќаат и затоа треба да бидеме коректни во нивните барања, односно за нивно информирање за тоа како најбрзо да го остварат нивното право“.

Според него, има значаен напредок во оваа сфера особено со новиот Закон за постапување по претставки и предлози каде што сите органи се задолжени да номинираат овластени лица за постапување по претставките.

- Вкупниот број на органи кои имаат доставено годишен извештај за предмети од првостепена управна постапка изнесува 546, додека потфрлање има од вкупниот број органи кои имаат доставено полугодишен извештај за предметите од второстепена управна постапка бидејќи се пристигнати само 18, истакна Георгиевски.

Во наредниот период, како што најави тој, со опширна инспекција на сите органи од трите столба на власта ќе се проверува состојбата во однос на примената на новото управно законодавство.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk