Советување  
     
 

17.09.2009

 
 

"Улогата на правосудната полиција  и истражните центри на Јавните обвинителства во функција на гонење и откривање на кривичните дела  и сторителите на  економскиот криминал во стечајните постапки."      

     


             Здружението за кривично право и криминологија на Македонија, во соработка со Министерството за правда и со поддршка на Фондацијата  Институт отворено општество  во текот на 2009 година, спроведува проект на тема: Казненоправната реформа и почитување на човековите права- Подготовки за примена на ЗКП кој содржи дел од активностите предвидени  со Акциониот план на Министерството за 2009 година.


            Во рамки на проектот денеска и утре во Охрид  се одржува дводневно советување на тема: Улогата на правосудната полиција  и истражните центри на Јавното обвинителство во функција на гонење и откривање на кривичните дела  и сторителите на  економскиот криминал во стечајните постапки на која  присуствува и министерот за правда Михајло Маневски.


Министерот за правда, поздравувајќи ги учесниците истакна дека во спроведувањето на Стратегијата за реформа на казненото право, изодивме долг и напорен пат, но до целта има уште многу да се стори. Целта е, во Законот за кривична постапка да се обезбедат најдобри решенија кои што ќе значат темелно уредување на односите на постапката и правата и обврските на учесниците, и особено да се обезбеди целосна примена на законите.

Правосудната полиција, согласно нацртот на Законот за кривична постапка е нов квалитет во мерките и активностите за откривање и истражување на кривичните дела, фаќање и пријавување на нивните сторители, како и обезбедување на други мерки и активности кои може да користат за непречено водење на постапката. Правосудната полиција е ставена во функција на јавниот обвинител, и презема дејствија наложени од судот или јавниот обвинител.

Министерот посебно го потенцира значењето на истражните центри за едно или за повеќе јавни обвинителства со решение на Јавниот обвинител на РМ. Колку и каде ќе се формираат овие истражни центри зависи од анализите што треба да бидат направени за криминалитетот на определено подрачје, обемот и тежината на кривичните дела, за да се димензионираат истражни центри кој што ќе одговорат на потребите на јавното обвинителство.

Министерот нагласи дека со донесувањето на измените на Кривичниот законик се  имплементирани десетина конвенции и рамковни одлуки и дека во Кривичниот законик се предвидени и нови кривични дела, како и проширената конфискација, досега непознати во нашиот кривично правен систем. Тој ја истакна потребата од обезбедување едукацијата на судиите, јавните обвинители, адвокатите и другите учесници во постапката за новите решенија во Кривичниот законик, особено за проширената конфискација, одговорноста на правните лица, новите кривични дела и новините во врска со кривичните дела на организиран криминал.

            На советувањето, на министерот Михајло Маневски, за долготрајната и сестрана соработка и дадениот придонес за работат на Здружението, Претседателот на Здружението Академик  проф. д-р. Владо Камбовски,  му врачи Благодарница.

          

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk