Работен состанок за примената на Законот за финансирање на политичките партии  
     
 

23.09.2009

 
 

МИА - По месец и половина од примената на измените и дополнувањата на Законот за финансирање на политичките партии, министерот за правда Михајло Маневски денеска одржа работен состанок со претставници на политичките партии и на надлежните органи за резултатите од неговото имплементирање.

- Измените и дополнувањата на Законот се во насока на обезбедување транспарентност и јавност во финансирањето на политичките партии, зајакнување на контролата на финансиското работење,  зајакнување на надлежноста на органите за надзорот и контролата, утврдување на процедурата за постапување по финансиските извештаи, како и обезбедување на јавно објавување на финансиските извештаи од страна на политичките партии како што е пропишано со Законот, рече на средбата министерот Маневски.

Измените и дополнувањата на Законот кои се резултат на досегашните согледувања и искуства, како што нагласи Маневски, се очекува да бидат силна брана за спречување на незаконитостите  во врска со финансирањето на политичките партии и на изборната кампања, како и спречување на изборната корупција.

Со измените, меѓу другото, е предвидено политичките партии годишните финансиски извештаи  јавно да ги објават на својата веб страница, потоа во најмалку во еден од дневните весници и во Службен весник на Република Македонија.

Претставници на помалите политичките партии најмногу забелешки упатија за тој дел од Законот, барајќи да се ослободат од обврската за објавување на извештаите во некој дневен весник и во Службениот весник на Република Македонија, бидејќи буџетите им се мали.

- Законот воведува обврска извештаите, донациите и завршните сметки да се објавуваат во дневни весници. Бидејќи знаеме колку чини објавувањето во весниците ние предлагаме да не се обврзуваат партиите да ги објавуваат во печатените медиуми, туку на веб страницата на партијата и евентуално во Службен весник каде тоа не би се наплатувало, истакна Кире Бузлиев од Либералната партија.

Голем проблем, според него, претставува и незаконската распределба на парите согласно изборите во делот на добиените мандати во коалиција, како и распределбата на парите што се  предвидени согласно Законот за редовно и тековно работење на партиите.

- Намалени се вредностите на донациите од правните и физичките лица од 200 на 150, или од 100 на 75, меѓутоа Законот предвидува обврска во рок од 15 дена, доколку е уплатена донација што е повисока од предвидената со Законот, разликата од дозволената донација да се врати на донаторот, или ако е уплатена донација за којашто не може да се утврди донаторот, тогаш таа донација треба да се префрли веднаш во рок од 15 дена во државниот буџет, рече Маневски.

Субхи Јакупи од Државната изборна комисија посочи дека измените и дополнувањата на Законот за финансирање на политичките партии предвидуваат и казни кои изнесуваат од 4.000 до 5.000 евра за политичката партија, а за претставникот на политичката партија кој врши надзор предвидена е глоба до 1.500 евра.

Тој додаде  дека ДИК има покренато прекршочна постапка за некои од помалите политички партии кои не го запазиле рокот за доставување на  извештаите за финансирање на последната изборна кампања.

Министерот Маневски рече дека измените и дополнувањата на Законот произлегуваат и од забелешките од извештаите од ОБСЕ/ОДИХР, од препораките на Парламентарното собрание на Европа, како и од извештајот на Венецијанската комисија.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk