Стручна расправа за „Уставното судство“  
     
 

25.09.2009

 
 

МИА - Судовите не смеат да станат топка за игра во политиката. Со правилни одлуки, како значајни фактори исправени меѓу правото и политиката, треба да ја зачуваат својата независност, што не е секогаш лесно. Тоа се дел од пораките од стручната расправа за уставното судство, што се одржува денеска во Скопје во организација на Програмата за владеење на правото во ЈИЕ на фондацијата „Конрад Аденауер“ и македонскиот Уставен суд, по повод 60-годишниот јубилеј на Уставот на Сојузна Република Германија.

- Македонската Влада и сите останати државни институции ги почитуваат и постапуваат според одлуките на Уставниот суд, истакна во обраќањето министерот за правда Михајло Маневски.

Според него, на одредени одлуки на Уставниот суд за укинување на законски одредби или, пак, поништување Владата „чкрипи со забите“ помалку а на некои повеќе, но ги извршува. Може да се согласуваме или не со ставовите на Уставниот суд, но наша обврска е да ги извршуваме неговите одлуки и така правиме, истакна Маневски.

Министерот за правда информира дека е во тек анализа на одлуките на Уставниот суд од последните две-три години со кои се укинати или поништени одредени законски одредби за да се утврдат причините кои довеле до тоа. Целта е во рамки на извршната власт да има се помалку такви случаи, појасни Маневски. Тој истакна дека основната насока во спроведувањето на реформите во македонското судство е прифаќањето на меѓународните стандарди, во кој контекст биле и уставните измени од 2005 година при што биле акцентирани високите стандарди во уставната сфера.

Значењето на независното одлучување на Уставниот суд на расправата го истакна и германската амбасадорка во Македонија Урлике Кнот, порачувајќи дека Уставниот суд е компас кој треба да покаже дали законодавната, извршната и судската власт се наоѓаат на вистинскиот курс.


- И во Македонија одлуките на Уставниот суд имаат огромно политичко значење и затоа не смеат да се инструментализираат во односите меѓу политичките партии, порача Кнот, истакнувајќи дека и во Германија политиката чкрипејќи со заби ги прифаќа одлуките на Уставниот сојузен суд кој, пак, ужива висока доверба кај граѓаните.


Претседателот на Уставниот суд на Република Македонија Трендафил Ивановски се осврна на белегот што го остава континуирано германскиот Устав познат како основен закон на Германија, како и на улогата и позицијата на македонскиот Уставен суд.

Ивановски посочи дека апстрактната контрола на уставноста на законите е доминантна во работата на Уставниот суд на Македонија. Во структурата на оспорените акти, укажа Ивановски, законите учествуваат со над 40 проценти од вкупниот број оспорени акти на годишно ниво. Тоа значи дека законите заземаат една од централните места во работата на Судот што ги определува и ефектите од неговите одлуки врз правниот систем во државата, нагласи претседателот на Уставниот суд, порачувајќи дека уставната положба на тој Суд му обезбедува во вршењето на неговата функција да се дистанцира од секаков политички авторитет, а особено од тој што е моментно на власт.


Покрај со стручна расправа, 60-годишнината на основниот закон на Германија се одбележува со промоција на публикацијата „Избрани одлуки на Сојузниот уставен суд на Германија“ во превод на македонски јазик. Со публикацијата правниците и пошироката научна и стручна јавност во Македонија добиваат на располагање 160 преведени одлуки на германскиот Сојузен уставен суд.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk