Конференција за Имплементацијата на Факултативниот протокол кон Конвенцијата на ОН против тортура  
     
 

25.09.2009

 
 


МИА -
Во Република Македонија со години наназад се нагласува потребата од зајакнати мерки за борба против тортурата што е поврзано и со подобрување на состојбите во установите од затворен тип од секаков аспект, истакна народниот правобранител Иџет Мемети на денешната конференција посветена на „Имплементацијата на Факултативниот протокол кон Конвенцијата на Обединетите нации против тортура и востановување национален превентивен механизам во земјата”. 

Тој додаде дека со измените и дополнувањата на Законот за народен правобранител на Република Македонија, се зајакнуваат овластувањата на  омбудсманот за утврдување на случаите на тортура во согласност со Факултативниот протокол кон Конвенцијата на ОН против тортура и други сурови, нечовечки илчи понижувачки постапувања или казнувања.

- Борбата против тортурата не може да се води само со дефинирање на нови законски одредби и нови форми на постапување. Напротив, во кревките демократии секогаш е основен проблем свеста и предрасудите и тоа е оној субјективен момент против кој е многу потешко да се справиме поради што и превенцијата во оваа сфета се јавува како неопходност, посочи Мемети.

Народниот правобранител со измените и дополнувањата на Законот добива овластување без никаква најава да врши посети во специјални заводи, болници, притворски одделенија и затворски установи и да добива какви било информации кои ќе ги бара.

Законот, како што рече Мемети,  пропишува и санкција за лицата кои нема да постапат по укажувањата на народниот правобранител или ќе го попречат на одреден начин да ја извршува неговата функција, а глоба  се движи од 500 до 1000 евра во денарска противвредност за  службено лице во органите кое нема да постапи согласно законските одредби.


Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски во своето обраќање на конференцијата, меѓу другото потсети дека Република Македонија во 2006 година ја потпиша Конвенцијата на ОН против тортура, а во 2008 година го ратификува и Факултативниот протокол кон оваа Конвенција, додавајќи дека станува збор за значајни меѓународни акти кои се дел од корпусот на заштитата на човековите права.

- Република Македонија е членка на ОН и како држава се определи за евроатлантските интеграции и затоа од една страна мора да ги прифатиме универзалните решенија и стандарди и да работиме на нивното развивање, рече Вењаноски, истакнувајќи дека само така можеме да бидеме дел од процесите на интеграција.

За жал, како што рече тој, сведоци сме дека и во високоразвиените демократски држави се присутни примери на тортура, мачење и понижување на сите кои можеби оправдано се ставени во затворени институции, посочувајќи ја борбата против меѓународен тероризам, но дека и во  тој случај не смее да има понижување и мачење на затворените лица.

Вељаноски додаде дека во Собранието на Република Македонија постои Постојана анкетна комисија која има значајна улога во заштитата на човековите права во рамки на превенцијата на тортурата.

Министерството за правда, како што посочи министерот Михајло Маневски, продолжува со натамошна надградба на правната рамка за јакнење на генералната и специјалната превенција од тортура, кој процес вклучува и реформа на пенитенцијарниот систем и казнено законодавство и тие се дел од Националната програма за усвојување на правото на ЕУ.

Наведувајќи ги активностите во насока на подобрување на условите  и сместувачките капацитети во казнено-поправните установи, Маневски истакна дека е завршена изградбата на објектот на затворот Куманово, отворено е ново притворско крило во затворот Скопје, а комплетно се реновирани КПД Идризово и затворите во Битола, Гевгелија, Охрид, Прилеп, Струга, Струмица, Тетово и Штип.

- Едновремено е извршено зголемување на затворскиот персонал за повеќе од 300 лица, а во тек се постапки за вработување на психолози, социјални работници и лекари, со што ќе се создадат услови за превенција од тортура, нагласи Маневски.

Заради унапредување на почитувањето на човековите права од страна на персоналот во затворите донесена е и се реализира Програма за обука и едукација на вработените во казнено-поправните и воспитно-поправните установи во Република Македонија.

Конференцијата, како што рече амбасадорот Наталија Дрозд, вршител на должност шеф на Набљудувачката мисија на ОБСЕ во Скопје, е прв дел од проектот на Набљудувачката мисија на ОБСЕ во Скопје за поддршка на консултативниот процес, чија цел е да се дискутира за функционирањето на новоформираниот механизам за национална превенција во рамките на Дополнителниот протокол на Конвенцијата на ООН против тортура и друго сурово и нехумано или понижувачко однесување или казнување, кој државата го ратификуваше оваа година.

По конференцијата, Дрозд најави дека ќе следуваат три тематски работилници кои ќе се фокусираат на лишувањето од слобода и слободата на движење во затворите,  полициските ќелии за испрашување и психијатриските институции.

За искуствата на омбудсманот на Чешката Република во работата како национален превентивен механизам и превенцијата на тортура свое излагање имаше претставникот од Канцеларијата на омбудсманот на Чешка Филип Глоцман.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk