Тркалезна маса – Како Република Македонија да дојде до суштински судски реформи  
     
 

30.09.2009

 
 

              

        Во организација на Транспарентност – нулта корупција денеска се одржа Тркалезна маса на тема - Како Република Македонија да дојде до суштински судски реформи.

        На  Тркалезната маса се  обрати министерот за правда Михајло Маневски кој рече  дека  независноста на судскиот систем претставува основен столб на правниот  поредок заснован врз принципот на владеењето на правото и на функционирањето  на  правната држава. Во таа смисла  се и реформите на правосудниот систем за јакнење на независноста  и самостојноста на судството кои што во континуитет ги презема Министерството за правда.

      Како резултат на тие реформи се и податоците кои покажуваат дека расте довербата на граѓаните во судството. Така, во последното истражување спроведено од УСАИД, спроведено меѓу  2134 испитаници, односно корисници на услугите од судовите, во 27 судови во Република Македонија е констатирана доверба во судството од 82%.

       Во однос на изборот и разрешувањето на судиите Маневски истакна дека  се избрани 149 судии и 18 претседатели на судови. Покренати се 54 постапки , од кои 46 постапки за нестручно и несовесно вршење на судската функција и 6 дисциплински постапки кои резултираа со 19 разрешени судии поради несовесно и нестручно работење, 5 судии поднеле оставка по сопствено барање , а за 33 судии е утврден престанок на судиската функција поради исполнување на услови за старосна пензија.

       Една од клучните алатки  во борбата против корупцијата се посебните истражни мерки, рече министерот Маневски. По нормирањето на оваа материја за прв пат во Законот за кривична постапка  па се до август минатата година  во практиката имаше одредени проблеми при примената на посебните истражни мерки. За надминување на овие лоцирани слабости истакна Маневски, во август минатата година беа усвоени измени и дополнувања на Законот за кривичната постапка.

     

   

Во оваа пригода Министерот Маневски  ги истакна и новините во измените и дополнувањата на Кривичниот законик кои неодамна беа усвоени. Во нив истакна министерот Маневски се предвидени значајни решенија кои ќе придонесат за ефикасно справување со корупцијата.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk