Над сто јавни обвинители дадоа свечени изјави  
     
 

01.10.2009

 
 

МИА - Над 100 јавни обвинители денеска дадоа свечени изјави дека функцијата ќе ја вршат совесно, стручно и чесно и оти ќе го почитуваат Уставот на Република Македонија, законите и ратификуваните меѓународни договори.

Свечени изјави дадоа обвинителите на кои Советот на јавните обвинители летово им го трансформираше мандатот во траен, согласно Законот за јавното обвинителство,   како и двајца новоизбрани јавни обвинители од Академијата за судии и јавни обвинители.

Министерот за правда Михајло Маневски посочи дека трајниот мандат значи и поголема гаранција за нивно одговорно и ефикасно вршење на функцијата во однос на покренувањето постапки што ќе значи и нова положба во истрагата, која ќе ја спроведуваат токму јавните обвинители.

Јавниот обвинител, како што рече Маневски, согласно новиот Закон  за кривична постапка на кој се работи веќе две години, ќе добие доминантна позиција во кривична постапка, во истрагата, во иницијативата и во соработката.

За успешна борба против организираниот криминал, трговијата со луѓе, криумчарењето на мигранти, како и трговијата со дрога и оружје, како што рече Маневски, потребна е меѓусебна соработка на јавните обвинителства со Полицијата, Царината, Управата за јавни приходи, со Финансискаат полиција во државава, како и со соодветните институции од регионот и пошироко.

Маневски информира дека на неодамнешната средба со министрите за правда од регионот во Белград била усвоена изјава за формирање на заеднички тимови кои ќе работат за откривање и гонење на организираните кривични дела.

- Интенцијата е во соработка со сите земји од регионот и пошироко да се обезбеди координирана и синхронизирана активност за заштита на државата и општеството од криминални дела, а јавните обвинители со својата работа ќе придонесат за тоа, нагласи Маневски.

Претседателката на Советот на јавни обвинители Елена Гошева им порача на јавните обвинители со совесното и чесно вршење на функцијата да придонесат во изградба на европски систем на работа во обвинителствата во Македонија.

- Како јавни обвинители ја имате шансата да учествувате во спроведувањето на реформите во правосудството кои во корен ќе ги изменат старите навики и пречки со кои повеќе или помалку успешно се бориме, рече Гошева.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk