Прес-конференција на министерот Маневски: Поефикасно судство со електронско работење  
     
 

04.10.2009

 
 

МИА - Модерно и автоматизирано правосудство, ефикасност на системот и интегративност во рамки на проектот е-Влада, во согласност со меѓународните стандарди, и замена на документите од хартиена во електронска форма, се постигнатите цели од воведената информатичка технологија во македонското судство.

Ова го истакна   министерот за правда, Михајло Маневски денеска на прес-конференција на која ги презентираше реализираните активности за воспоставување електронско судство.

- Воведувањето на информатиката во судовите ќе придонесе за воспоставување посуспешна комуникација меѓу правосудните органи, поголема ефикасност и поквалитетно работење, користење на базите на податоци и легислативата, јакнење на отчетноста и транспарентноста во работата, јавност во работата на правосудните органи како клучен елемент за самостојноста и независноста на судскиот систем и информирање на граѓаните, рече Маневски.

Тој информира дека судството е надградено со правна база на податоци со ЛДБИС систем, која содржи 17.583 податоци за сите акти, закони, уредби и одлуки што се донесени од 1944 до септември оваа година.

Донесувањето на законите прописите, правилниците, спред Маневски, во последните години се повеќе расте, со што се зголемува функционалноста на судството.

Минатата година, како што истакна ресорниот министер, донесени се 2.323 прописи, во 2007, бројката е помала изнесува 1.852, додека оваа година до септември таа е 1.482.

До септември годинава се донесени 139 закони, во 2008 година 300, една година претходно бројката е 223, а во 2006 година само 136 закони.

- Базата на податоци има пребарување на закони и други прописи каде што ќе може да се провери кој било закон или акт. Таа има основно и додатно пребарување, пребарување преку правна област и преку клучни зборови, појасни министерот за правда.

Тој информира дека сите судови мрежно се поврзани со интернет и имаат свои портали каде ги објавуваат основните податоци за судиите и нивните надлежности и пресуди, кои ќе бидат достапни за граѓаните.

Маневски истакна дека целта на Министерството, а во согласност со стратегијата на Владата, е од 1 јануари 2010 година Македонија да ја замени хартиената форма на записниците и досиеата во електронска.

За ефикасно и информатички функционално судство се набавени 100 дисплеи, 720 компјутери и 450 мрежни печатачи, како и 150 компјутери и исто толку печатачи за јавните обвинителства, а направена е и обука на 2.200 корисници.

ПРЕЗЕНТАЦИЈА


 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk