Меѓународен симпозиум за спроведување и заштита на правата од интелектуална сопственост  
     
 

05.10.2009

 
 

МИА Македонија напредува во борбата со пиратеријата, но со 68 процентна стапка на фалсификат и пиратерија се уште е далеку од европскиот просек. Без подигање на јавната свест и ефективни казни ќе продолжи да царува интернет пиратеријата во делот на музиката и филмот, кои се најизразени.

Тоа се дел од пораките изнесени на меѓурегионалниот симпозиум за спроведување на заштитата на правата од интелектуална сопственост, што почна денеска во Скопје.

Министерот за  правда Михајло Маневски  со свое излагање се обрати пред присутните на Меѓународниот симпозиум за спроведување и заштита на правата од интелектуална сопственост.

Во текот на 2008 и 2009 година, информира министерот за правда Михајло Маневски, македонските судови спровеле  42  постапки поврзани со заштитата на правата од интелектуална сопственост. Притоа се изречени 22 глоби и 12 алтернативни казни. - Свесни сме дека често се прибегнува  кон повреда на правото на интелектуална сопственост, односно  кон кражба на авторското право, правото  на иновација и друг вид интелектуална сопственост. Токму поради тоа  секоја држава е должна во рамки на фунцкиите кои ги остварува да обезбедува заштита на интелектуалниот труд и на иновациите, порача  Маневски.

Министерот за економија Фатмир Бесими истакна дека почитувањето на правата од интелектуална сопственост е од исклучително значење имајќи го предвид фактот дека значаен дел од трговската размена почива на нивната заштита и оти економскиот раст и развој на државите директно зависи од нивното соодветно менаџирање.

Како дел од активностите за градење ефикасен систем на заштита на правата од интелектуална сопстевност неодамна е донесена национална стратегија,  како основа за идните активности за тоа поле и пред се поддршка на конкурентноста на фирмите.

 Валентин Пеопљугоски, адвокат на БСА, оцени дека во Македонија пиратеријата веќе не се толерира заради купување социјален мир, но  претстои уште многу работа до европскиот просек каде стапката на пиратеријата и фалсификатот е под 50 проценти. 

- За разлика до пред некоја година  кога воопшто не се работеше на тој план  лани стапката на пиратство е намалена за пет до 10 проценти.  Тоа се големи резултати. Сепак има уште многу работа затоа што нема влез во ЕУ без стапка  на фалсификат и пиратство под 50 проценти, рече Пепељугоски.

Според застапеноста на фалсификатите  и пиратството, Македонија е зад Словенија и Хрватска, на исто ниво е со Бугарија, а е подобро  рангирана  од Србија. 

На симпозиумот  се дискутираше  и за фалсификувањето и пиратеријата како глобален проблем и за начините за негово справување, за развојот на управувањето во спроведувањето на заштитата на правата од интелектуална сопственост во земјите во транзиција, за јакнењето на капацитетите и подигнување на јавната свест и за Стратегијата на Европската унија за спроведување на заштитата на правата од интелектуална сопственост.

Симпозиумот кој ќе продолжи и утре е во организација на Државниот завод за индустриска сопственост на Република Македонија во соработка со Светската организација за интелектуална сопственост. Најавено е присуство на претставници од 32 европски земји.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
-->
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk