Работилница за зголемување на меѓународно-правната соработка поврзана со тероризмот и подготовките на барањата за екстрадиција  
     
 

14.10.2009

 
 

МИА - Во организација на Академијата за обука на судии и јавни обвинители на Македонија, а во соработка со Канцеларијата на ОН за сузбивање дроги и криминал (UNODC), денеска и утре во Скопје се одржува „Работилница за зголемување на меѓународно-правната соработка поврзана со тероризмот, вклучувајќи ги подготовките на барањата за екстрадиција и меѓусебна правна помош“.

Јавните обвинители и советниците од Основното јавно обвинителство за гонење на сторителите на кривични дела од областа на организираниот криминал и коруција, судиите и советниците од специјализираните судски одделенија надлежни за судење на дела од областа на организираниот криминал од сите апелациски подрачја, со експерти од Обединетите нации кои учествуваат на работилницата ќе разменат искуства и знаење од областа на тероризмот, како и за барањата за екстрадиција и меѓусебна правна помош.

Репубика Македонија, како што рече на отворањето министертот за правда Михајло Маневски, презема ефикасни мерки за усогласување на домашното законодавство со меѓународните конвенции.

- Македонија ја ратификува Конвенцијата на Советот на Европа за превенција од тероризмот и го усогласи своето кривично законодавство со тоа што изврши измени во Кривичниот законик во септември годинава, воведувајќи нови елементи на кривичното дело тероризам и проширување на одговорноста за кривичното дело спречување финансирање на тероризам, рече Маневски.

Тој потенцира дека борбата против тероризмот треба да ја води секоја држава и да гради институции и кадри кои треба да работат на превенција од тероризам, бидејќи тој претставува најголемо зло во целиот свет.

Според Маневски, обврска на сите држави е да преземат мерки и активности за спречување на тероризмот, притоа посочувајќи ги банкарските иснтитуции кои, како што рече, не треба да се заборават затоа што тие се првиот филтер на кој треба постојано да се внимава за да се спречи „перењето пари“ за финансирање на терористичките организации.

Експертот во областа за превенција од тероризам, при канцеларијата на ОН за сузбивање на дрога и криминал Здравко Стојановиќ на учесниците на работилницата им ги предочи најновите меѓународни прописи во врска со борбата против тероризмот.

Тој истакна дека проблемот со тероризмот во Југоисточна Европа не е толку голем како во другите делови во светот но, како што додаде, тероризмот многу брзо се шири и ја има зафатено практично целата земјина топка.

- Мотивите за тероризам може да бидат различни и не е можно да се исклучи тоа да се случи и на овие простори. Можност за тероризам секаде постои и поради тоа треба со отворени очи да се набљудува и да се спречи неговата појава, истакна Стојановиќ.

Според него, битно е да постои правна подлога за соработка во превенцијата и борбата против тероризмот меѓу државите во Југоисточна Европа. - Соработката е потребна затоа што преку размена на информации може да се спречи тероризмот. Институциите меѓу себе треба да разменуваат информации доколку постои некој човек кој е сомнителен и патува во одреден правец, рече Стојановиќ.

Домашните и меѓународните експерти во текот на утрешниот ден со учесниците на работилницата треба да дискутираат  за прашања во однос на екстрадицијата и правната помош во случаи поврзани со тероризмот.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk