Тркалезна маса - Следење на спроведување и евалуација на законодавството  
     
 

15.10.2009

 
 

            На денешната Тркалезна маса во организација на ОБСЕ /ОДИХР на тема  - Следење на спроведување  и евалуација на законодавството се обрати и министерот за правда Михајло Маневски.

               Во своето обраќање министерот Маневски  истакна дека евалуацијата на законите претставува еден од клучните аспекти за донесување на квалитетни закони и нивна успешна имплементација во практиката.

Владата на Република Македонија и Министерството за правда посветуваат посебно внимание на унапредувањето на законодавниот процес истакна Маневски, притоа акцентот се става на сите аспекти од овој процес, почнувајќи од дефинирањето на политиките, па се до последната фаза која се однесува на евалуацијата од примената на донесените закони.

Следниот битен сегмент во овој процес продолжи Маневски се консултациите и инволвирањето на сите засегнати страни. Притоа, посебно се води сметка за консултирање на пошироката и особено на стручната јавност. Сево ова има клучна улога во подобрувањето на квалитетот на донесените закони. Дозволете во оваа пригода да истакнам рече Маневски дека во рамките на изготвувањето на законите во Министерството за правда редовно учество во работните групи земаат практичарите од областа на правосудството и стручната и научната јавност.

Во таа смисла рече Маневски во рамките на евалуацијата на законите посебно внимание заслужува изготвувањето на РИА обрасците со кои се врши проценка на влијанието на законите. Во овие формулари се прави целосна анализа на законот кој се донесува, вклучувајќи ги и финансиските влијанија од неговата примена.

 Министерството за правда  во областа на евалуацијата на законите изготви  бројни анализи за примената на одредени одредби од закони во надлежност на Министерството за правда. Овие анализи служат како основен параметар за проценка на примената на законите и лоцирање на одредени недоследности содржани во нив. Посебно внимание заслужуваат бројните анализи на одредени членови од Кривичниот законик кои претставуваа и основа за последните измени дополнувања од минатиот месец оваа година.

Една од најзначајните реформски активности во рамките на Министерството за правда е редефинирањето на казнената постапка истакна Маневски. За прв пат во Република Македонија пред донесувањето на одреден закон се направени  толку опсежни анализи за различните сегменти на кривичната постапка. Притоа, овие анализи содржат компаративни согледувања, анализи на меѓународните стандарди, статистички согледувања и истражувања за примената и слабостите на постојниот Закон за кривична постапка.

Такви анализи, бројни јавни расправи и тркалезни маси беа организирани и за Законот за финансирање на политичките партии и за други законски проекти, истакна Маневски.

На крајот Маневски  ја истакна важноста на  проектот и потребата за конзистентна поддршка од сите надлежни институции заради подобрување на квалитетот на целокупниот законодавен процес во Република Македонија и изрази благодарност  на ОБСЕ/ОДИХР за  поддршката во реализацијата на  проектот за унапредување на законодавниот процес во Република Македонија.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk