Министерот Маневски на Конференција за борба против трговијата со луѓе во Брисел  
     
 

19.10.2009

 
 

Брисел, 19 октомври (МИА) - Во пресрет на глобалната акција на Европската унија против трговијата со луѓе, во Брисел денеска и утре се одржува  Конференцијата на министрите за внатрешни работи и за правда на земјите-членки на ЕУ, како и на државите кандидати за членство во Унијата, на која учествуваат министрите за внатрешни работи и за правда Гордана Јанкулоска и Михајло Маневски.

- Од досегашната расправа и дискусиите на Конференцијата во првата панел дискусија може да се заклучи дека Република Македонија со оглед на мерките што ги презема цврсто застана во борбата против трговијата со луѓе, илегалната миграција со тоа што усвоивме потребна легислатива, основавме специјализирани органи и тела и постојано ги надгледувавме нивните институционални капацитети, изјави за МИА министерот Маневски.

Македонија, како што додаде Маневски, покрај тоа што ја има ратификувано Конвенцијата од Палермо, ја ратификуваше и Европската конвенција за борбата против трговијата со луѓе во април оваа година и Републиката во рамките на активностите во јуни 2008 година од страна на Стејт департментот на САД е рангирана во групата ТИЕР 1, која ги вклучува земјите кои целосно ги исполнуваат критериумите за борбата против трговијата со луѓе.

-  Тоа впрочем беше верификувано при визната либерализација како една од значајните мерки што ги постигна Република Македонија во обезбедувањето на границите, борбата против организираниот криминал вклучувајќи ја трговијата со луѓе и криумчарење на мигранти и борбата против корупцијата и другите организирани облици на кривични дела, додаде Маневски.

Tрговијата со луѓе и криумчарњето на мигранти, како што посочи, претставува многу сериозен глобален проблем и токму поради тоа сите држави се должни да превземаат мерки и средства за спречување на овие појави.

- Бидејќи економската криза и економските состојби во одделни држави се погодна почва за зголемено извршување на овие кривични дела, за голем број на жртви на трговијата со луѓе или криумчарење на мигранти секако тој проблем треба да се сузбива со ефективни, превентини, едукативни, легислтавини, казнени и други мерки што треба да се превземаат во рамките на спречувањето на овој проблем, вели Маневски. 

Министерската конференција се одржува во рамките на проектот на Европската унијата против трговија со луѓе имплементиран од страна на Министерството за правда на Шведска, а во соработка со меѓународната организација за миграција од Виена и со финансиска поддрша од Програмата за превенција и борба против  криминалот на Европската комисија на Генералниот директорат за правда, слобода и безбедност.

На конференцијата учествуваат околу 500 учесници, кои денеска и утре на четири панели ќе дискутираат за меѓународното партнерство и спречувањето на трговијата со луѓе, за партнерството за заштита и помош на жртвите од трговија со луѓе, како и за парнтерството во спроведувањето на законите и полициската соработка во борбата против трговија со луѓе.

Попладнево на Конференцијата треба да се обрати министерката Гордана Јанкулоска, а во текот на утрешниот ден министерот за правда Михајло Маневски на тема „Преземените мерки и активности од страна на Република Македонија за спречувањена трговијата со луѓе и криумчарење на мигранти“.

Во текот на денешниот ден на маргините на Конференција министерот Маневски оствари средба со министерката за правда на Република Косово Некибе Келменди.

- Со Келименди разговаравме за воспоставување на контактите помеѓу министерствата за правда што се однесуваат на билатералната соработка во рамките на меѓународната правна помош со екстрадицијата и за соработката во кривичната и граѓанската материја, рече Маневски.

Македонскиот министер за правда имаше средба и со неговиот холандски колега Ернест Хиршбалин, на која, како што рече било разговарано за активностите за време на неговата посета на Македонија која ќе биде за три до четири недели.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
-->
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk