Обраќање на министерoт Маневски на Конференција за борба против трговијата со луѓе во Брисел  
     
 

20.10.2009

 
 

Република  Македонија цврсто застана во борбата против трговијата со луѓе и илегалната миграција. Ја усвоивме потребната легислатива, основавме специјализирaни органи и тела, и постојано ги надградуваме нивните институционални капацитети рече министерот Михајло Маневски на денешното обраќање на Конференцијата на министрите за внатрешни работи и за правда на земјите-членки на ЕУ што се одржува во Брисел, Белгија. 

Ја ратификувавме Конвенцијата од Палермо. Формиравме  Националната комисија за борба против трговијата со луѓе, со посебна подгрупа за борба против трговијата со деца. Во Министерството за внатрешни работи постои посебна единица за борба против трговијата со луѓе. Министерството за труд им пружа помош и заштита на жртвите на трговија со луѓе преку Националниот механизам за упатување преку кој поминале повеќе жртви на трговија со луѓе рече Маневски.

            Загрижувачки се показателите дека има малолетни жртви на трговијата со луѓе чија старосна граница се движи од 8 до 17 години. Тоа ја зголемува одговорноста на државата својата целокупна структура да ја мобилизира во борбата со ова современо зло истакна Маневски.

Тој потсети дека во 2002 година со измените во кривичното законодавство се воведе кривичното дело „Трговија со луѓе“, додека пак во 2004 година се инкриминираа дејствијата на криумчарење на мигранти  и организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе и криумчарење на мигранти.

Исто така во јануари 2008 година се извршија измени, се зголемија кривичните санкции, а исто така се воведе ново кривично дело во членот 418 – г од КЗ: „Трговија со малолетно лице.“ Со најновите измени на Кривичниот законик од септември 2009 година се воведе одговорност на службените лица  и  построги казни од најмалку 8 односно 10 години затвор кои делото ќе го извршат во вршење на службата, согласно Европската конвенција за борба против трговијата со луѓе која ја ратификувавме во април оваа година истакна Маневски.

Бројните напори во борбата против трговијата со луѓе не останаа незабележани. Во јуни 2008 година Стејт Департментот на САД ја рангира Македонија во групата ТИЕР1 која ги вклучува земјите кои целосно ги исполнуваат критериумите за борба против трговија со луѓе.

Донесовме нова стратегија за борбата против трговија со луѓе за наредниот период 2009 – 2012 заедно со акционен план.

Зголемена е координацијата помеѓу институциите, се одвиваат континуирани обуки за идентификација и борба против трговијата со луѓе. Преку соодветни образовани програми, кампањи и реклами се работи на подигнување на свеста на сите инволвирани актери, како и на граѓаните нагласи Маневски.

Тој рече дека во Република Македонија во тек се реформи кои се насочени кон изградба на современ систем на кривична правда кој ќе биде во функција на обезбедување на соодветна реакција на криминалот, особено организираниот и зголемување  на ефикасноста на органите на кривичниот прогон и судството.

Mеѓународната правна помош во кривичната материја, а особено значајна во борбата со организираниот криминал покажува задоволителни резултати. Маневски нагласи  дека директната меѓународна соработка на надлежните судски и истражни органи покажува резултати на успешно решени случаи на трговија со луѓе. Токму поради тоа е потребна натамошна регионална и меѓународна соработка рече тој, постојана едукација на кадрите и надградба на легислативата за успешно спречување на трговијата со луѓе и илегалната миграција. 

Министерската конференција се одржува во рамките на проектот на Европската унијата против трговија со луѓе имплементиран од страна на Министерството за правда на Шведска, а во соработка со меѓународната организација за миграција од Виена и со финансиска поддрша од Програмата за превенција и борба против  криминалот на Европската комисија на Генералниот директорат за правда, слобода и безбедност.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk