Обраќање на министерот Маневски на Региналната конференција - Заштита на сведоците и жртвите, во Загреб, Република Хрватска  
     
 

27.10.2009

 
 

            Министерот за правда Михајло Маневски денеска престојува во еднодневна работна посета на  Загреб, Република Хрватска.

             Во рамки на  посетата  министерот Маневски  утрово се обрати пред учесниците  на Регионалната конференција во организација на УНДП – Заштита на сведоците и жртвите.

           Во своето обраќање министерот Маневски истакна дека меѓународниот организиран криминал претставува голема опасност на современиот свет. За ефикасна борба за негово сузбивање е неопходна глобална стратегија и конкретна континуирана активност на јавните обвинителства, полицијата, судовите и другите специјализирани органи на секоја држава конкретно. Сите држави мора со сите средства да се борат против ова зло рече Маневски .

Република Македонија  нагласи Маневски интензивно се вклучи во процесот за сузбивање на организираниот криминал преку преземање соодветни мерки, како на нормативен план, така и преку конкретни активности во практиката.

На притисоци, закани и обиди за корупција мошне често се изложени учесници во кривичната постапка, како што се сведоците, соработниците на правдата, жртвите и др. Тоа е предизвик за наша успешна мобилизација за нивна заштита рече Маневски.

Во Законот за заштита на сведоците во Република Македонија од 2004 година се регулирани непроцесните мерки за заштита на сведоци. Востановени два клучни органи надлежни за заштита на сведоците: Советот за заштита на сведоци и Одделението за заштита на сведоци во рамките на Министерството за внатрешни работи.

Законот за кривичната постапка исто така содржи одредби за процесна заштита на сведоците согласно препораките на Советот на Европа и јурспруденцијата на Европскиот суд за човекови права во однос на користењето на анонимните сведоци.

Но нагласи Маневски свесни сме дека борбата против организираниот криминал  не завршува со донесувањето на законите и усвојувањето на програмите и стратегиите, без разлика колку се тие амбициозни и сеопфатни.

Во тој правец, рече тој најголемо значење има зголемувањето на свеста на национално и меѓународно ниво,  јакнење на капацитетите на сите институции надлежни за справување со организираниот криминал и постојана едукација на кадрите во сите надлежни државни органи од оваа област.

Република Македонија и Република Хрватска нагласи Маневски  и преку оваа непосредна соработка покажуваат дека постои добра волја и висока свест дека меѓународната соработка и заедничкиот придонес за спречување, откривање и докажување претставува императив за ефикасна борба против организираниот криминал и корупцијата.

Во текот на денот  министерот Маневски ќе има одвоени средби  со министерот за правда на Република Хрватска  Иван Шимоновиќ,  со претседателот на Врховниот суд г. Бранко   Хрватин, Главниот јавен обвинител на Републичкото јавно обвинителство г.Младен  Бајиќ,  предвидена е посета на Жупанискиот суд во Загреб и средба со претставници на Уредот за сузбивање на корупција и  организиран криминал –УСКОК. 

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
-->
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk