Расправа за законот за инспекциски надзор  
     
 

29.10.2009

 
 

 (МИА) - Пропишување на постапката за вршење инспекциски надзор, права, должности и овластувања на инспекторите, како и мерките кои се однесуваат на надзорот ќе бидат уредени со новиот закон за инспекциски надзор, кој треба да биде изготвен и доставен до Владата до почетокот на декември оваа година.

- Со законот треба да се постигне хоризонтална координација на државните инспекторати преку нагласена улога на инспекциски совет, кој што ќе го контролира министерот за правда и на тој начин подиректно ќе се реализираат политиките на Владата во доменот на инспекцискиот надзор, истакна на денешната работилница посветена на последната работна верзија на законот, директорот на Државниот управен инспекторат  Димитар Ѓеорѓиевски.

Користејќи ги искуствата на членките на ЕУ, како што е словенечкиот закон за инспекциски надзор прилагоден на постоечките прописи во Македонија, инспекторатите ќе добијат самостојност во креирањето на своите планови за работа тековно и годишно и за тоа ќе даваат отчет пред Владата, но како органи во состав на самите ресорни министерства.

Ѓеорѓиевски посочи дека во законот ќе има посебен дел за регулирање на условите за вршење на функцијата инспектор. Тој додаде дека инспекторите мора добро да ги познаваат не само материјалните закони, туку и управната постапка и управниот спор, прекршочната постапка и постапката за инспекциски надзор, кои ќе бидат основата на инспекцискиот испит.

Директорот на државниот просветен инспекторат Џорџе Арсов, кој учествува на дводневната работилница, истакна дека ваков закон е потребен затоа што со него ќе бидат  регулирани односите во сите инспекции во Македонија.

- Со овој закон покрај државните инспекторати се опфатени и инспекторатите во локалната самоуправа, кои досега постоеја со Законот за локална самоуправа, рече Арсов.

Тој додаде дека сите државни инспекторати треба да бидат правни лица во рамки на соодветно министерство, но да имаат свои буџети.

Законот за инспекциски надзор  е новина во правниот систем на Република Македонија и е во согласност со напорите за хармонизирање на македонското право со легислативата на Европската уија.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk