Министерот Маневски ги презентираше измените на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер  
     
 

07.11.2009

 
 

 (МИА) - Измените на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, кој е во собраниска процедура, треба да обезбедат јавност и отвореност во работењето на имателите на информации, како и да им се овозможи на физичките и правните лица да го остваруваат правото на слободен пристап до информациите.

Со предложените решенија се допрецизираат пооделни одредби од Законот, а се врши и усогласување со Законите за општа упавна постапка, за управните спорови, за прекршоците и за државните службеници.

-  Доколку се ускрати правото да се даде информација од јавен карактер со измените на Законот се предвидени глоби од 1.000 до 1.500 евра во зависност од прекршокот, истакна на денешната прес-конференција министерот за правда Михајло Маневски.

Тој додаде дека со измените ќе се прецизира дека информацијата од јавен карактер е и онаа со која располага имателот согласно неговите надлежности иако тој на ја создал, а ќе се воведе и задолжителност во спроведувањето на постапката „тест на штетност“ пред да биде одбиен пристапот, а со која имателот ги проверува последиците врз интересот кој се заштитува, односно јавниот интерес што би се постигнал со објавување на информацијата.

- Со измените се прецизира и статусот на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер како независен државен орган со својство на правно лице, рече Маневски. Во контекст на тоа, тој додаде дека Комисијата е составена од претседател, потпретседател и три члена, кои се избираат на јавен конкурс од Собранието на Република Македонија на предлог на Комисијата за прашања на изборите и именувањата.

Измените налагаат секој имател на информација да состави извештај кој треба да го достави до Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер до 31 јануари наредната година. -  Извештајот треба да содржи број на поднесени, одбиени и на позитивно одговорени барања, бројот на жалбите..., рече Маневски и додаде дека врз основа на овие податоци Комисијата составува глобален извештај кој до 31 март наредната година се разгледува од Собранието.

Законот го донесе Македонското Собрание на 25 јануари  2006  година и со него се уредуваат условите, начинот и постапката со која се остварува правото на слободен пристап до информациите со кои располагаат државните органи, општините и јавните буџетски установи и правни и физички лица.

Пристап до информации од јавен карактер, според Законот, можат да побараат сите правни и физички лица. Барањето може да се поднесе усно или писмено. Имателот на информации е должен веднаш, а најдоцна 30 дена од поднесувањето на барањето да даде одговор. Рокот за давање на бараната информација во некои случаи може и да се пролонгира, но не подолго од 40 дена. Ако барателот на информација не е задоволен може да поднесе жалба до Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер во рок од осум дена.

Одбивање на барање за слободен пристап до информации од јавен карактер е можно ако станува збор за класифицирана информација со соодветен степен на тајност, доколку е личен податок чие откривање би значело повреда на заштитата на лични податоци, ако е доверлива информација или повредува доверливост на даночната постапка, ако се однесува на комерцијални и други економски интереси или ако нејзиното давање е штетно за животната средина. 

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk