Македонија доби поддршка во евроинтеграциските процеси од Словачка  
     
 

10.11.2009

 
 

 (МИА) - Словачка ја поддржува Македонија на патот кон Европската унија и НАТО, но сите сме свесни дека за тоа треба да биде решен проблемот со името со Грција, изјави заменик-премиерот за легислатива и министер за правда на Словачка Виера Петрикова по денешната средба во Скопје со министерот за правда на Михајло Маневски.

Петрикова изрази задоволство бидејќи Македонија од Европската комисија беше оценета како земја која најдобро ги исполнува условите за визна либерализација од целиот регион и дека ЕК предложи Македонија да биде вклучена во земјите кои ќе имаат безвизен режим со земјите членки на Унијата.

Двајцата министри размениле мислења за продлабочување на правосудната соработка помеѓу двете држави,  а посебен акцент бил ставен на словачките искуства во врска со преговорите од Поглавјето 23, што се однесува за правда и внатрешни работи.

- Со министерката договоривме потпишување меморандум за соработка во граѓанската материја, како и формирање работни групи кои ќе ги следат искуствата на Словачка во имплементацијата на европското законодавство, изјави македонскиот министер за правда.

Тој додаде дека на средбата биле разменети искуства за борбата против организираниот криминал и корупцијата, за продлабочување на меѓународната правна помош, за соработка во областа на миграцијата, на медијацијата, како и на  бесплатната правна помош.

Македонија, како што додаде Маневски, го цени поддржувањето на Словачка во процесот на евроинтеграцијата, во проддршка на влез во НАТО, за визната либерализација, како и за унапредување на соработката на правните системи на двете држави.

Делегација од Република Словачка која е предводена од заменик-премиерот за легислатива и министер за правда Виера Петрикова престојува во тридневна работна посета на Република Македонија.

Во рамки на посетата ќе се одржат средби во Врховниот суд на Република Македонија, во Академијата за обука на судии и јавни обвинители, Управниот суд, Судскиот совет и во Собранието на Република Македонија.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk