Министерот Маневски го посети Граѓанскиот суд  
     
 

19.11.2009

 
 

(МИА) - Основен суд Скопје 2 е најголем суд во Македонија, во кој дневно поминуваат од 3.500 до 4.000 граѓани, а за решавање на предмети се ангажирани 83 судии.

Претседателот на Граѓанскиот суд - Основен суд Скопје 2 Бекир Шаини на денешната средба со министерот за правда Михајло Маневски како проблем ги посочи недостигот на дактилографки и простор.

- Со растоварувањето на Судот од извршните и платните налози и овој проблем треба да биде решен, бидејќи платните налози апсорбираат многу административна работна сила. Во прашање се над 240.000 предмети, а со префрлањето на платните налози кај нотарите ќе се ослободи работната сила и Судот ќе биде доведен во поповолна положба како во однос на човечките ресурси, така и просторно, а ќе биде и поажурен во работењето, рече Шаини.

Министерството за правда во рамките на реформите на судскиот систем, како што истакна Маневски, ќе настојува судовите да бидат ослободени од извршните предмети од 1 јули 2010 година, со тоа што ќе прејдат во надлежност на нотарите кои ќе ги издаваат платните налози.

- Во Граѓанскиот суд во моментов има околу 19.000 спорни граѓански предмети и 300.000 платни налози имајќи предвид дека Судот покрива голема територија, рече Маневски и додаде дека  со судските  реформи се настојува судовите да ги решаваат само спорните предмети и да се растоварат од оставинските предмети и платните налози.

Министерството за правда настојува од 1 јануари следната година во судовите да се воведе комплетно електронско водење на уписите и на електронска распределба на предметите.

- Од септември годинава до денес сите судови во Македонија пресудите ги објавуваат на своите веб страници и досега има објавено околу 5.000 пресуди. Тоа е во функција на транспарентност на работењето на судовите, со што јакне и нивната одговорност, а со цел обезбедување ефикасно и самостојно судство во функција на остварување на правата и слободите, нагласи Маневски.

Како новина што се воведува во секој суд, Маневски го посочи воведувањето одделение за односи со јавноста, кое, како што рече, првично ќе работи по два часа со граѓаните за тие да не одат од еден шалтер до друг, туку на едно место да добијат информација на кој начин можат да го остварат своето право, каде да се обратат и какви документи треба да приложат. 

Основниот суд Скопје 2 Скопје е Граѓански суд со основна и проширена надлежност за подрачјето на Град Скопје, односно за подрачјето на скопските општини Центар, Карпош, Ѓорче Петров, Сарај, Кисела Вода, Аеродром, Бутел, Гази Баба, Чаир, Шуто Оризари, Чучер Сандево, Сопиште, Студеничани, Зелениково, Петровец, Илинден и Арачиново.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk