Холандскиот министер за правда во посета на Република Македонија  
     
 

23.11.2009

 
 

 (МИА) - Холандија ќе ја поддржи визната либерализација и почетокот на преговорите за членство на Македонија со Европската унија, изјави холандскиот министер за правда Ернст Хирш Балин по денешната средба во Скопје со министер за правда Михајло Маневски.

Toj рече дека лично се уверил оти во Македонија во последните 20 години многу е постигнато и дека е време земјата да ги започне преговорите за членство со Унијата.

- Ние одлучивме да ја поддржиме визната либерализација за Македонија, затоа што тоа е многу важно за граѓаните, низ директни контакти со граѓаните на  земјите членки на Европската Унија, ќе се разменуваат информации и искуства. Ние исто така, решивме да го поддржиме почетокот, односно датумот за отворање на преговори  за членство во ЕУ. Целосно сум уверен дека навистина е време да отпочнат преговорите, дека направивте извонреден напредок  во реформите во оваа област и во  подготовките на вашата земја за идно членство во ЕУ“, нагласи Балин.

Македонија, како што истакна Маневски, очекува во наредниот месец да почне процесот за визна либерализација. - Напорно работевме, ги исполнивме сите услови, очекуваме датум за преговори за евроинтеграција во Унијата и секако полноправно членство на нашата земја во НАТО. Очекуваме поддршка од холандската влада“, додаде македонскиот министер за правда.

Двајцата министри потпишаа писмо за намера за МАТРА – Проект за зајакнување на македонскиот пенитенцијарен систем.

Потпишувањето на ова писмо, како што посочи Маневски ќе помогне за побрзо имплементирање на европските стандарди и додаде дека реформите во македонското судство се одвиваат со добро темпо и оти така ќе продолжат и во иднина.

Маневски и Балин на средбата размениле искуства за судските реформи, за реформите во пенитерцијарниот систем, за напредокот во реализацијата на активностите на полето на медијацијата, како и за теми од областа на трговијата со луѓе и почитувањето на човековите права.

Во рамки на посетата на холандскиот министер за правда во Врховниот суд на Република Македонија денеска беше промовиран Прирачник за медијација за судиите и јавните обвинители, за тоа како во соодветна судска постапка полесно да извршат квалитетна проценка на предметите и дали предметите се подобни спорот да се реши со помош на трето неутрално лице- медијатор.


- Досегашните искуства на примената на медијацијата во Македонија не се најповолни, па поради тоа е потребно да се спроведе кампања наменета за граѓаните за тие да ја сфатат користа на медијацијата како алтернативен начин на решавње на споровите, кој е многу побрз и полесен за разлика од одредени судски постапки кои траат долго и чинат многу, рече Маневски.


Пренесувајќи ги холандските искуства во медијацијата, Балин препорача дека е потребно да се започне со разговор со страните на еден конфликт и дека покрај за граѓански спорови медијацијата може да се употреби и за кривичните. - Со промоцијата на медијацијата во Холандија се постигна успех, нагласи тој и додаде дека многу е битно да се процени конфликтот и да се дознае што довело до него.


Според Балин, кога луѓето се принудени да ја прифатат медијацијата тогаш можноста за постигнување на задоволително решение се намалува. - Луѓето треба да знаат и дека ако медијацијата не е успешна за обете страни, дека тие сеуште имаат пристап до правдата и оти ќе добијат пресуда од судот во соодветен процес, додаде тој.


Џовани Даниеле од Меѓународната финансиска институција IFC - членка на групацијата на Светска банка, која соработува со македонското  Министерство за правда за воведувањето на медијацијата, истакна дека решавањето на стопанските предмети со медијација може да биде побрзо, бидејќи доколку се оди по судски пат тогаш би траеле со години. - Долгото чекање на исходот може да предизвика стечај на малите бизниси и да ги одврати странските компании од инвестирање во земјата, додаде тој.

Во последните четири години над 3.000 спорови во регионот, како што истакна Даниеле, се решени со медијација.

Холандскиот министер за правда Балин денеска ќе има билатерална средба со министерката за внатрешни работи  Гордана Јанкуловска, ќе го посети затворот „Идризово“, а ќе одржи и предавање во Академијата за обука на судии ијавни обвинители.

 
     
   
  Врати се назад   |   Архива на новости  
 
 

(c) Copyright 2005, Ministry of Justice of the Republic of Macedonia, Ul. Jurij Gagarin 15, 1000 Skopje, e-mail: contact@mjustice.gov.mk